Корона профитери


МИРЧЕ ЈОВАНОВСКИ

Очигледно, невидливиот и опасен непријател кај нас добил сојузници – корона профитери кои низ мизеријата на другите гледаат да остварат екстра приходи за себе. Такви се дел од работодавачите кои ја злоупотребиле поддршката за исплата на плати на вработените

Директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска денес излезе со шокантни информации – дека стотици компании, односно работодавачи, ја злоупотребиле поддршката за исплата на плати на вработените која тие ја добиле како помош да се пребродат негативните последици од корона кризата.

Тоа го правеле фирми од Скопје, Тетово, Гостивар, Струга, Струмица… Не неколку, не десетина или стотина, туку над 700 фирми и исто толку работодавачи. Овие правни лица имаат свои сопственици, газди како што веројатно самите гордо се нарекуваат. Ако кон ова се додадат и фирмите кои на вработените им исплатувале одредена сума, но не толку колку што добиле од државата (14.500 денари по вработен), сканадалот е уште поголем – бројката на компании се зголемува за над 3.700 фирми и измамени над 1.700 вработени. И штетите не се мали – ако се соберат ситте злоупотреби – се доаѓа до износ од над 3,5 милиони евра.

Колку одела дрскоста зборува и податокот дека има и такви работодавачи кои помошта од државата ја добиле два месеци и двата месеци парите наместо да завршат кај вработените, ги задржале за себе.

Првата мисла која му доаѓа на човек кој се обидува работите да ги гледа неутрално е – какви се тоа луѓе? Дали се чувствуваат среќни ако нивните вработени, од кои најголемиот број едвај го врзуват крајот, ги направат да живеат уште помизерно? И со каков образ излегуваат пред нив, давајќи им ги работните задачи. Или можеби мислеле дека ако работниците можат да издржуваат со и онака минималните примања, доволно се истренирани да преживеат без било какви приходи.

Другиот аспект е како реагираат институциите на ваквиот скандал.

Кога се појави пандемијата со корона вирусот многу светски државници рекоа дека светот е во војна со невидлив непријател. Таквата реторика беше прифатена и од нашите функционери, па тие безмалку на секоја прес конференција апелирајќи до граѓаните да ги почитуваат мерките за превенција повторуваа дека сме во војна со опасниот вирус.

Но, очигледно, невидливиот и опасен непријател кај нас добил сојузници – корона профитери кои низ мизеријата на другите гледаат да остварат екстра приходи за себе.

Како и во секоја војна така и во оваа против корона вирусот, кај луѓето излегуваат и најдобрите, но и најлошите работи.

Од една страна бевме сведоци на бројни племенити постапки, безрезервно помагање на луѓето во невоља, подавање рака на оние на кои тоа им нејпотребно, пожртвуваност (пред се на лекарите) која не познава граници…

Но, исто така, имаше и случаи кога на површина излегуваше себичноста, алчноста, ловот во матно…

Ако изминативе месеци многу работи можеа да поминат неказнето поради специфичната состојба во која што се наоѓа државата, без парламент, со техничка влада, вонредна состојба, избори и тн, во конкретниот случај со државната помош за исплата на платите има записи, прецизна евиденција кој колку добил, колку и кому исплатил.

Тоа е сосема доволна појдовна точка за да се премине кон енергично и ефикасно казнување на овие корона профитери.

Во крајна линија проблемот не е само во тоа што работодавачите не им ги исплатиле парите на своите вработени, а земале обврска да го направат тоа. Под притисок на јавно изнесените состојби некои можеби и ќе го сторат тоа во наредниве денови. Проблемот е уште поголем бидејќи станува збор за злоупотреба на државни пари, односно средства од Буџетот, за јавни пари, пари на граѓаните од кои се полни државната каса и за чие трошење треба да се води сметка.

Во изминатиот период сите бевме сведоци што се случуваше со приходите во Буџетот, како тие се стопија под ударот на кризата и ставање под клуч на целата економија, како и неопходноста државата да се задолжи во рекордни износи за колку толку да може да им помогне на компаниите да го одржат производството, но и да ги задржат вработените. Сметката за таквите задолжувања допрва ќе се плаќа.

Исто така, бевме сведоци и на забелешките дека помошта не е доволна и дека на фирмите треба да им се излезе во пресрет за да може да преживеат. Многу од овие приговори беа на место, особено од оние мали и средни фирми кои со одлука на Владата подолг период не можеа да ја извршуваат дејноста што беше мотивирано од состојбите со пандемијата.

Сите тие укажувања стојат, но никако не можат да бидат оправвдување за вакви криминално-профитерски постапки на дел од работодавачите. Постапки кои не само што ги оштетуваат работниците за кои беа наменети средствата и Буџетот од каде што тие пари и се исплатуваа, туку им штетат и на оние фирми кои работат законски и вложуваат максимални напори колку што можат подомаќински да го заштитат и бизнисот и вработените – бидејќи знаат дека ако ги отпуштат сега, утре кога работите ќе тргнат на подобро, можеби тие работници ќе ги нема на пазарот на трудот.

Добро е што директорката на УЈП денес ги презентираше и непријатните информации за спроведување на владината мерка. И нема потреба да апелира до несовесните работодавачи да им ги исплатат парите на вработените, за месеците април и мај. Како што самата рече, законските рокови се веќе поминати. Треба само да се примени она што пишува во законите за ваквите злоупотреби. Така, а не со апели, ќе им помогне најмногу и на работниците и на оние кои чесно работат, но и на економијата во целина.