Коридорот 8 ќе добие и политички формат


 

На состанокот на министрите за надворешни работи на четирите земји низ кои поминува Коридорот 8 во Бриндизи, Италија, заклучено е тој да добие своевиден политички формат. Министрите заклучија дека треба да се организираат годишна политичка средба, годишен бизнис форум, средби во градовите кои са на трасата на овој коридор, како и редовна дискусија во овој формат во рамките на средбите на врвот на НАТО.

Домаќин на вечерашната средбабеше италијанскиот министер за надворешни работи, Антонио Тајани, кој ги угоси Олта Џачка од Албанија, Бујар Османи од Македонија и Марија Габриел од Бугарија.

Од состанокот произлегоа шест заклучоци за насоката во која треба да се развива таканаречената Иницијатива 8.

Според еден од заклучоците, Коридорот 8 има стратешка вредност и неговото завршување, и на железничката и на патната траса, значително ќе придонесе за економскиот раст на регионот и за побрзо вклучување на Западен Балкан на единствениот пазар на ЕУ.

Во таа насока, министерот Османи истакна: „Завршувањето на Коридорот 8 ќе биде многу важен аспект за интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ. Оваа платформа за соработка помеѓу нашите земји треба исто така да се искористи за да се забрза нашиот процес и процесот на Албанија за пристапување во ЕУ. Покрај тоа, очекувам дека интеграцијата ќе даде опипливи резултати, пред сè во корист на граѓаните, пред полноправното членство“, рече Османи на заедничката прес-конференција.

Министрите се согласија дека покрај економскиот развој, членството во ЕУ претставува и катализатор за надминување на билатералните или регионалните прашања и поттикнувањето на помирувањето.