Копола го искритикува Холивуд откако доби „Златна малина“ за најлоша режија за „Мегалополис“


Славниот режисер Френсис Форд Копола, ја доби наградата „Златна малина“ за најлоша режија за филмот Мегалополис. Тој ја искористи оваа прилика да го критикува Холивуд и неговата политика, пренесува „Холивуд репортер“.

Страстниот проект на режисерот вреден 120 милиони долари беше растргнат од критичарите и пропадна на бокс офисот (заработувајќи само 12 милиони долари на глобално ниво).

Долгоснимениот и многу дискутиран научно-фантастичен еп на Копола ја имаше својата светска премиера , лани, во мај, на Канскиот филмски фестивал и беше пречекан со 10-минутни овации во театарот Гранд Лумиер, додека тој ја прегрнуваше секоја од неговите главни ѕвезди – меѓу нив Натали Емануел, Адам Драјвер, Обри Плаза и Џанкарло Еспосито – и ја фрли својата шапка во навивачката толпа.

Копола на Инстаграмот порача дека решил да не ги следи кукавичките правила на филмската индустрија, додавајќи дека е почестен што е прогласен за најлош режисер во време кога толку малку луѓе имаат храброст да се спротивстават на доминантните трендови на современиот филм.

Адам Драјвер во сцена од филмот

Петкратниот добитник на Оскарот исто така рече дека, во овој распаднат свет во кој уметноста се третира како професионално борење, избрал да не ги следи кукавичките правила што ги наметнува индустријата, во ужасен страв од ризици.

Копола порача дека филмската индустрија моментално не е во состојба да создаде филмови кои ќе бидат важни и по 50 години, без оглед на огромниот талент на младите кои ги има на располагање.

Наградите Златна малина, кои се доделуваат за најлоши филмски остварувања, оваа година беа доделени по 45-ти пат.

За најлош филм беше прогласен Мадам Веб, најлош актер е Џери Сајнфелд во остварувањето Unfrosted, додека најлоша актерка е Дакотa Џонсон во веќе споменатиот филм Мадам Веб.