Копман: За жалење е што не се направија уставните реформи

Македонија се посвети на привилегирани домашни политики, наместо да работи на уставни измени, изјави директорот за проширување на Европската комисија


 

Директорот за проширување во Европската комисија, Герт Јан Коопман, на трибина за проширувањето организирана од Карнеги фондацијата оцени дека спорот со Бугарија не е билатерално прашање туку дел од Преговарачката рамка со ЕУ, но дека Македонија не ги направила уставните промени бидејќи имала други „привилегирани политики“, што според него е за жалење бидејќи е изгубена една година. 

„Гледате веќе дека некои земји заостануваат, вклучувајќи ја и Северна Македонија… И тука морам да не се согласам со вас, ова не е билатерално прашање. Без оглед дали беше мудро да се согласиме или не за вклучувањето на извесни елементи во Преговарачката рамка, тоа е во Преговарачката рамка. Северна Македонија треба да го промени уставот, но таа привилегираше домашни политики место уставните промени. Тоа е за жалење и затоа изгубивме една година“, рече Коопман.

Според него, сега никој во овие земји не може да бара изговори во тврдењата дека ЕУ само глуми дека се проширува, бидејќи Албанија и Црна Гора се блиску до завршната линија.

„Сега мислам дека сите земји ќе гледаат една во друга и ќе видат дека Албанија и Црна Гора трчаат кон завршната линија. Оттаму е мојот оптимизам за моментумот и мислам дека тоа не е наивност. Вие всушност гледате дека тој моментум се случува. Невозможно е да се одржи веќе  аргументот дека нема да можат да стигнат до таму. Ќе стигнат“, порача Коопман.