Контролорот на наплатни рампи што не плаќа патарина – ќе добие отказ


Јавното претпријатие за државни патишта извести дека Миланчо Митревски на 28 јули годинава бил  назначен со времено задолжение од три месеци за координатор за контрола во Одделението за наплата на патарини и контрола.

„Јавното претпријатие за државни патишта ќе го прекине временото задолжение за координатор за контрола и ќе ги преиспита изнесените наводи во јавноста, затоа што Законот треба да важи за сите независно на која позиција или функција се“, стои во соопштението од ова јавно претпријатие.

Скандалот со контролорот го откри викендов СДСМ и денес повторно со соопштение побараа одговорност за злоупотребата. Според СДСМ  Коце Трајановски и ВМРО-ДПМНЕ го поставиле Миланчо Митревски за шеф на контролорите на наплатната служба на патарините во Петровец, иако не ги исполнува условите за тоа. 

„Фатен бил како ја злоупотребува службената положба. На Митревски му е изречена дисциплинска санкција за тоа што наплаќал повеќе пари на патарините, а вишокот го присвојувал за себе. Неговиот единствена квалификација за оваа функција е тоа што е партиски кадар на ДПМНЕ и сопруг на советничка на истата партија во Велес. ДПМНЕ ја враќа грубата партизација и бруталната злоупотреба на институциите како до 2016 година.

Но, скандалот во ЈПДП е уште поголем затоа што за Митревски не важат прописите и законите. Снимки од патарините кои ни ги доставија свиркачи покажуваат дека Митревски не плаќа патарини. Ова е апсолутно недозволиво. Народот да плаќа, додека за партиските шерифи на Мицкоски и Трајановски да не важат закони и прописи и да прават што сакаат, порачаа од СДСМ утрово. 

И овие скандали, според партијата, се случуваат во исто време кога МВР поднесе 18 кривични пријави за неплаќање патарина, за 12 полицајци и за 6 вработени во патарините.