Конкурс за годишната награда на Асоцијацијата на архитекти и наградата „Андреја Дамјанов“
Асоцијацијата на Aрхитекти на Македонија (ААМ) го објави конкурсот и за доделување на Голема годишна награда за 2021 година и за предлагање можни добитници на наградата „Андреја Дамјанов“ за 2021 година.
-Двете архитектонски награди претставуваат афирмација на залагањето кон архитектурата во нашата земја, посочува во пишана изјава претседателот на ААМ, проф.д-р Мишко Ралев.
Големата годишна награда на ААМ се однесува на најуспешно реализирано архитектонско дело, каде учесниците со пријавување на своите авторски дела за тековната година може да го остварат своето право на учество. Традиционално, наградата свечено и со сите почести му се доделува на лауреатот на крајот на годината, а се одвива под покровителство на Претседателот на Република Северна Македонија.
Престижната награда „Андреја Дамјанов“ претставува признание за животно дело, особени достигнувања и личен придонес во развојот на архитектурата и градежништвото. Право за поднесување предлог за можни добитници имаат членовите на ААМ, каде оценувањето на кандидатите за добитници на наградата ја врши комисија, во чии редови е и добитник на наградата „Андреја Дамјанов“. Наградата се состои од плакетата и статуетка со ликот на Андреја Дамјанов, а добитникот станува и член на Архитектонската Академија на ААМ.
Двете награди се доделуваат на државјани на Република Северна Македонија. Рокот за предавање апликација за Големата годишна награда е до 25 ноември годинава, а за поднесување предлози за наградата „Андреја Дамјанов“ е 20 дена од распишување на повикот кој ќе биде јавно публикуван во дневниот печат.
Сите заинтересирани за Големата годишна награда за 2021 година и наградата „Андреја Дамјанов“ за 2021 година, повеќе информации можат да добијат на телефонскиот број: 076 350 336, или на е-меил адреса: [email protected].