Коњановски ќе ја гради новата обиколница на Битола со пари од Светска банка

После две години, општина Битола направи проект и конечно ќе може да ги искористи средствата од 1.397.000 евра, од Меѓународната банка за обнова и развој, одобрени од Владата на Зоран Заев, а за кои рокот за реализација е до 2024


 

БИТОЛА – Новата обиколница на Битола во должина од 2,4 километри во индустрискиот дел на градот ќе ја гради битолскиот градоначалник Тони Коњановски, со средства одобрени од Светска банка уште од 2020 година, од времето на екс-градоначалничката Наташа Петровска.

После две години, општина Битола направи проект и конечно ќе може да ги искористи средствата од 1.397.000 евра, од Меѓународната банка за обнова и развој, одобрени од владата на Зоран Заев, а за кои рокот за реализација е до 2024.

Со овој голем проект има надеж дека ќе се реши долгодеценискиот горлив проблем на битолчани со низа проблеми во сообраќајот во градот, предизвикани од движењето на тешките товарни возила.

Битола има две обиколници кои во добар дел и во одреден степен го растоваруваат сообраќајот низ градот, но факт е дека низ неколку битолски улици, како „Партизанска“, „Васко Карангелевски“, Булевар „1 Мај“, „Прилепска“… и натаму секојдневно поминуваат шлепери, особено зашто нема друго патно поврзување од граничниот премин Меџитлија кон Охрид и Скопје, па битолските улици се уништуваат од тешки товарни возила и се небезбедни за пешаците и за возилата. Од тука, оваа обиколница во индустрискиот дел на градот ќе значи многу повеќе и за битолската локална економија, особено за фабриката „Кромбег и Шуберт“ во Жабени, за фабриките во индустрискиот дел на Битола каде се фабриките Квасара, фабриката за картонажа „Фустеларко Борец“… како и поголем број нови стопански капацитети во поранешна „Битола текст“ и „Прогрес“.

Коњановски вели дека, досега за жал, поради недостиг на готови проекти, општината не можела да ги користи овие средства.

„Имав состанок со претставници од Светска банка, со кои договорено е преку оваа програма општината да реализира 3 проекти и тоа: Реконструкција на улица ‘Индустриска’  во должина од 2,4 километри, која ќе биде нова обиколница во градот, за што проектот е изготвен. Реконструкција на комплетна инфраструктура на повеќе улици во должина од 2.060 метри, за што проектната документација е во завршна фаза и третиот проект: Изградба на велосипедски патеки – за што имаме одобрен сообраќаен проект и работиме на градежен и изведбен проект“, најави градоначалникот.

За битолската опозиција, споменувањето на парите од Светска банка предизвика загриженост дали општина Битола пак ќе се задолжува.

„Колкава ќе биде каматната стапка на кредитот што ќе го земеме, колкав ќе биде периодот на исплата и дали општината во моментов има кредит и кои се обврските“, рече Методија Илиевски, советник и координатор на советничката група на СДСМ Битола.

Градоначалникот возврати дека станува збор за задолжување на владата, направено во 2020 година, па го праша Илиевски зошто заедно со претходното раководство на општината не аплицирале за искористување на овие средства кои му се доделени на градот.

„Моите сознанија, а и фактите тоа го потврдуваат, се дека поради проектната неподготвеност, општина Битола, не искористила 1.397.094 евра за подобра инфраструктура, обвини Коњановски.

Точно е дека Општина Битола е задолжена пред Светска банка и тоа за инфраструктурата во поранешната касарна. Кредитот е од времето на екс-градоначалникот Владимир Талески, а почна да го исплаќа поранешната градоначалничка Наташа Петровска во 2018 година, а ќе се исплаќа до 2028 година. Што значи, Битола и битолчани од сега натаму треба да исплатат уште околу 78,6 милиони денари.

Сега, од кога Коњановски е на власт, се завршени реконструкциите на 20 улици низ градот од предвидените 23 улици, проекти кои ги наследи подготвени од Петровска.

Коњановски вели дека за дваесеттина улици биле изготвени проекти од претходно, но сега најавува градежен бум за следната сезона и изготвување на нови над 65 проекти кои ќе се однесуваат на подобрување на патната инфраструктура, подобрување на енергетската ефикасност на објектите, како и хортикултурно и партерно уредување на повеќе локации во општината.

Сепак, битолската опозиција го потсетува Коњановски дека лесно е да гради кога власта на СДСМ му остави 6 милиони евра во касата, а за споредба кога СДСМ дојде на власт во 2017 наследи долгови од 800 милиони денари или околу 12,5 милиони евра.

„Историја е кога ќе почнувате од нешто ама да е свое, вие наследивте 6 милиони евра во касата и велите сега имаме реализација. Многу е лесно да трошите пари, најлесно ви е така. Но, кажете колку вие имате приходи?“, праша советникот на СДСМ Борче Корлевски.

Коњановски возвраќа дека имаат зголемување на приходите од данокот на имот, односно ако во 2018 тој процент бил 37,46 сега изнесува 57,30%, а кај надоместокот за уредување на градежно земјиште за разлика од 2018 кога процентот бил 36,16%, сега изнесува 55,66%.

„Како нова локална самоуправа, затекнавме 20 тина изготвени проекти, но и многу неисплатени обврски кои со завршната сметка изнесуваа околу 209 милиони денари, а со направениот пресек, веднаш по доаѓањето 124 милиони денари беа за започнати недовршени проекти или улици, објекти, водоводи, канализации со рок на доспевање“, вели Коњановски и додава дека во негов прилог говорат и податоците за досегашната реализација на буџетот, каде процентот ќе биде над 80% до крајот на годината, со исплатени средства за патна инфраструктура од 241 милиони денари, кои до крајот на годината предвидено е да бидат над 400 милиони денари.