Војната се шири во Либан и регионот, Кувајт по грешка собори три американски авиони
Иран ја погоди најголемата рафинерија за нафта во Саудиска Арабија. Неколку американски авиони се урнаа во Кувајт. Израел го таргетира Либан
Иран и милициите поддржани од Иран испукаа ракети кон Израел и арапските држави, очигледно погодувајќи го комплексот на амбасадата на САД во Кувајт, додека Израел и САД напаѓаа цели во Иран а војната се прошируваше во понеделникот со изјави за пркос и зголемување на жртвите.
Најмалку 555 лица се убиени во Иран досега во американско-израелската кампања, соопшти Иранското друштво на Црвената полумесечина, а повеќе од 130 градови низ земјата беа нападнати. Единаесет лица се убиени во Израел, според тамошните власти.
Во Кувајт Сити, додека оган и чад се издигаа од внатрешноста на комплексот на амбасадата на САД, Министерството за одбрана на земјата соопшти дека „неколку“ американски воени авиони, исто така, се урнале во земјата. Централната команда на САД во Флорида подоцна соопшти дека три авиони „Ф-15“ биле соборени од противвоздушната одбарана на Кувајт по грешка и дека шестемина членови на екипажот се катапултирале и се спасени неповредени.
Комплексот на амбасадата беше погоден недолго откако САД издаде предупредување до Американците таму да се засолнат, а другите да се држат настрана. Немаше непосредни извештаи за штети или жртви.
Иранскиот напад со беспилотно летало врз британската база на РАФ на Кипар ја таргетирал пистата, изјави британската министерка за надворешни работи.
Ивет Купер во понеделник за Скај њуз изјави дека нападот со дрон ја таргетирал базата Акротири „конкретно пистата на аеродромот“. Таа додаде дека се преземаат „мерки на претпазливост“. Министерството за одбрана претходно потврди дека семејствата се преселуваат од базата.

Купер, која разговараше со министрите за надворешни работи во регионот, потврди за Би-Би-Си дека САД нема да можат да користат британски воени бази за да напаѓаат „политички цели или економски цели“. Наместо тоа, дозволата на Велика Британија беше единствено за да се дозволи уништување на балистички ракети и лансери насочени кон Заливот, рече таа.
Во меѓувреме, додека американските и израелските воздушни напади продолжуваа, високиот ирански безбедносен службеник Али Лариџани вети на X дека „нема да преговараме со САД“.
Во Ирак, проиранска милиција ја презеде одговорноста за напад со дронови насочен кон американските трупи на аеродромот во Багдад, еден ден откако соопшти дека пукала кон американска база во градот Ирбил на север.
Израел и САД бомбардираа ирански ракетни локации и ја нападнаа неговата морнарица, тврдејќи дека уништиле нејзин штаб и повеќе воени бродови.
Со оглед на тоа што светските пазари веќе беа потресени од борбите и зголемувањето на цените на нафтата, рафинеријата за нафта Рас Танура во Саудиска Арабија беше нападната во понеделникот од беспилотни летала, а одбраната го собори авионот што се приближуваше, објави портпарол на војската за државната саудиска новинска агенција.
Онлајн видеата од местото на настанот се чини дека покажуваат густ црн чад што се издига по нападот. Дури и успешно пресретнатите дронови предизвикуваат остатоци што можат да предизвикаат пожари и да ги повредат оние на земјата.
Рафинеријата Рас Танура, во близина на градот Дамам во источна Саудиска Арабија, е една од најголемите во светот со капацитет од над половина милион барели сурова нафта дневно. Таа беше привремено затворена како мерка на претпазливост по нападот, објави саудиската државна телевизија.
Порано во текот на денот, остатоци паднаа врз кувајтската рафинерија за нафта Ахмади, при што беа повредени двајца работници, откако беа соборени беспилотни летала, објави државната новинска агенција КУНА.

Одлуката на Иран да ги прошири своите напади врз големата регионална нафтена инфраструктура додава нов елемент во војната што го зафаќа Блискиот Исток, директно насочена кон крвотокот на економијата на регионот.
Иран веќе им се заканува на бродовите во Ормутскиот теснец, тесниот отвор на Персискиот Залив низ кој минува една петтина од целата трговија со нафта. Неколку бродови беа исто така нападнати таму.
Саша Брухман, аналитичар за одбрана во Меѓународниот институт за стратешки студии во Бахреин, за Асошиејтед прес изјави дека целта на Иран со ударот врз енергетската инфраструктура е да „предизвика глобална реакција и да наметне трошоци“ за американскиот претседател.
Сепак, досега „ова не е целосно уништување на критичната инфраструктура што го бара иранскиот режим“, рече Брухман.
Attack against the huge Ras Tanura refinery in 🇸🇦 will not reassure oil markets. pic.twitter.com/dvNglvwV7C
— Carl Bildt (@carlbildt) March 2, 2026
Во меѓувреме, амбасадорот на Иран во нуклеарниот надзорник на ОН, Меѓународната агенција за атомска енергија, Реза Наџафи, им изјави на новинарите дека воздушните напади на САД и Израел во неделата го погодиле иранскиот нуклеарен погон Натанз.
Израел и САД не ги признаа нападите на локацијата, која САД ја бомбардираа во 12-дневната војна меѓу Иран и Израел во јуни. Израелската војска, исто така, не го коментираше веднаш тврдењето на Наџафи.

Додека нападите врз Иран продолжуваа, Хезболах соопшти дека испукал ракети од Либан во Израел рано наутро во понеделникот како одговор на убиството на иранскиот врховен лидер Али Хамнеи и „повторените израелски агресии“. Немаше извештаи за повредени или штети, а Израел соопшти дека пресретнал еден проектил, додека неколку паднале на отворено.
Израел возврати со напади врз Либан, при што загинаа најмалку 31 лице, а беа ранети уште 149, според Министерството за здравство на Либан. Околу две третини од загинатите биле на југот на земјата. Либанската влада соопшти дека одржува итен состанок.
Земјите од Арапскиот Залив предупредија дека би можеле да возвратат на Иран по нападите во кои беа погодени клучни локации и беа убиени најмалку пет цивили, а американскиот претседател Доналд Трамп вети дека Вашингтон ќе се „одмазди“ за смртта на тројцата американски војници кои беа убиени во Кувајт, предвидувајќи уште жртви.
„За жал, веројатно ќе има повеќе пред да заврши“, рече Трамп. „Таква е работата“.
Американската војска соопшти дека невидливите бомбардери „Б-2“ ги погодиле иранските балистички ракетни објекти со бомби од 900 килограми. Трамп на социјалните мрежи изјави дека девет ирански воени бродови биле потопени и дека седиштето на иранската морнарица е „во голема мера уништено“.

Велика Британија ќе им дозволи на САД да ја користат британската база Диего Гарсија на островите Чагос за да ги нападнат ракетните капацитети на Иран. Локацијата во Индискиот Океан е една од двете британски бази што Трамп ги нарекол потенцијално неопходни за напад врз Иран.
Велика Британија претходно одби да им дозволи на САД да користат британски бази за бомбардирање на Иран.
Во видео изјава во која објави ограничено британско учество во борбата на Вашингтон со Иран, британскиот премиер Кир Стармер не се колебаше да се осврне на неподготвеноста што многу Британци ја чувствуваат да се вклучат во уште една блискоисточна војна.
„Сите ги паметиме грешките во Ирак и ги научивме тие лекции“, рече тој пред камерата. „Не бевме вклучени во првичните напади во Иран и сега нема да се придружиме на офанзивна акција“. Тој ја формулираше својата одлука да им дозволи на САД да ги користат британските бази за да го нападнат Иран како „одбранбена“.
Војната во Ирак, во која Велика Британија беше активен учесник и во која загинаа 179 британски војници, остави голема лузна врз Лабуристичката партија на Стармер, која ја држеше власта кога Велика Британија се приклучи на инвазијата предводена од САД. Дополнителни 457 британски војници загинаа во 20-годишниот ангажман на Велика Британија во Авганистан. (Според агенциите)
Воздушната одбрана на Кувајт по грешка ги соборила трите американски авиони