Конференција Science@FEIT: Студентите имаат голема желба за збогатување на знаењето


Студентите на Факултетот за електротехника и информациски технологии денеска го организираа второто издание на конференцијата Science@FEIT, посветена на промовирање на научно-истражувачката дејност кај студентите преку демонстрација на интересни и применливи истражувања, трудови и дискусии од реномирани научници, професори и ФЕИТ алумни.

Организатор на конференцијата е Факултетското студентско собрание при ФЕИТ. Според Вера Палевска, претседател на Факултетското студентско собрание, целта на конференцијата е да го стимулира академското развивање кај младите, да овозможи социјализација и подобрена комуникација меѓу сите генерации на академски граѓани, додека демонстрира симбиоза помеѓу длабоката наука, свежите умови и отменоста.

– Нашата иницијатива е да ја промовираме научно-истражувачката дејност кај младите во нашата држава и да ја стимулираме дискусијата и соработката помеѓу сите генерации на академски граѓани. Со оваа конференција покажавме дека студентските активисти, иако не се професионалци, можат професионално да организираат настан со голема тежина и да бидат поддржани од најпрестижните институции како ФЕИТ, МАНУ, Инженерска институција на Македонија и Македонската секција на IEEE. Покажавме дека студентите покрај универзитетските клупи, припаѓаат и во конференциските сали и имаат голема желба за збогатување на знаењето преку неофицијално образование. Ќе продолжиме да работиме додека целото општество не нѐ препознае како најважен сегмент во развојот на државата, а тогаш ќе работиме уште повеќе, вели Палевска.

За професор д-р Христина Спасевска, редовен професор на ФЕИТ и проректор за настава на УКИМ, студентската научна конференција Science@FEIT ја покажува исклучителната иницијативност на младите да се вклучат во современите текови на науката и новите технологии.

– Ова е настан каде студентите заедно со своите професори може да дебатираат на теми значајни за нивната иднина, како што се енергетиката, дигитализацијата и машинското учење. Инженерската институција на Македонија е организација посветена на младите инженери и со своето активно вклучување во Science@FEIT дава целосна поддршка на нивните ставови и идеи, но и заедничко креирање на политики во науката за младите, како на национално, така и на меѓународно ниво, вели Спасевска.