Објавени списоците за ваучери за инвертер клими, рокот за искористување е кус
Списоците на избрани корисници, како и списоците на правни субјекти со кои има договор за реализација на ваучерите, се објавени на веб-страницата на Министерството за енергетика
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини денеска информира дека започна процесот на доделување потврди-ваучери за купување и вградување на високоефикасни инвертер клима-уреди. Овие ваучери се наменети за домаќинствата кои ги исполнуваат критериумите на јавниот повик, објавен на веб-страницата на Министерството за економија на 1 февруари 2024 година.
Од Министерството за енергетика псочуваат дека согласно Програмата за поттикнување на енергетската ефикасност во домаќинствата за 2024 година, се доделуваат над 6.000 ваучери за инвертер клима-уреди.
Списоците на избрани корисници, како и списоците на правни субјекти со кои Министерството има склучено договор за реализација на ваучерите, се објавени на веб-страницата на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини https://www.ea.gov.mk/.
Овие информации се јавни и достапни за сите заинтересирани.
„Со цел појаснување на процесот, важно е да се напомене дека конкурсот и изборот на корисниците беа управувани од Министерството за економија, кое беше надлежно и за евалуација и за конечниот избор на граѓаните кои ги исполнуваат условите, како и избор на правните субјекти каде граѓаните ќе можат да ги искористат овие ваучери“, се вели во соопштението до медиумите.
По направениот избор, Министерството за енергетика ја презеде обврската за организирање и спроведување на доделувањето на ваучерите.
„Овој обемен процес е успешно координиран од тимот на Министерството, обезбедувајќи навремено доделување на ваучерите пред почетокот на зимската сезона“, додаваат од Министерството за енергетика.
По објавата на списоците, почна и дистрибуција на ваучерите до општините.
Подигнувањето на ваучерите ќе се врши во специјални регионални канцеларии, отворени само за оваа намена. Точната локација и работното време на канцелариите ќе биде дополнително објавено на веб-страницата на Министерството, се посочува во соопштението.
Граѓаните можат да ги искористат ваучерите за набавка на инвертер клима-уреди најдоцна до 30 ноември 2024 година. По овој датум, неискористените ваучери ќе се сметаат за неважечки.
Согласно Јавниот оглас за финансиска поддршка преку доделување потврда-ваучер за купување и вградување високоефикасни инвертер клима-уреди за ранливи потрошувачи за 2024 година, предвидени се ваучери од 27.000 денари за лица со ниски примања (приходи до 21.000 денари за самец, 30.000 денари за домаќинство со два члена, и 35.000 денари за домаќинство со три члена).
За домаќинства со четири члена, предвиден е ваучер од 30.000 денари, а за домаќинства со пет или повеќе члена – 45.000 денари. Дополнително, за неранливи потрошувачи од Пелагонискиот и Југозападниот регион предвидени се ваучери од 25.000 денари, а за останатите региони – по 23.000 денари.