Конечно објавени поддржаните културни проекти од Град Скопје


Фото: Б. Грданоски

Град Скопје попладнево ја објави листата на поддржани проекти од културата за оваа година, по силните реакции во јавноста поради тоа што добитниците на парична помош од Градот беа држени во тајност. Одлуката конечно да го соопшти исходот од јавниот повик, што е и законска обврска, Градот ја донесе дури откако листата на проекти кои годинава ќе поделат 220.000 евра претходно „протече“ и беше објавена во медиумите.

Буџетот за поддршка на проекти од областа на културата на Град Скопје годинава изнесува 220.000 евра. Јавниот конкурс беше објавен лани на 7 октомври, Учесниците кои Градот ги одби, добија известувања, но повеќемина се пожалија дека не добиле образложение зошто се одбиени и не разбрале кои се проектите кои се поддржани.

Најголемата доделена сума изнесува еден милон денари (околу 16.000 евра) – ја добиле фестивалите „Златно славејче“ и „Фјужн фестивал 5“, а во истата област – Музички уметности, 500.000 денари се доделени и на „Баги комуникации“ за „Скопски градски фестивал VOL.3“.

Во областа Визуелни уметности и уметност на новите медиуми, по 100.000 денари се одобрени на Скопје филм фестивал, на „Аурипигмент“ за меѓународниот филмски фестивал „Анимакс Скопје фест“ – 12. издание и на Здружението „Сенсус“ за споделување уметничка инспирација.

Во областа Изведбена уметност, најмногу пари се доделени на „Интерарт културен центар“, вкупно 600.000 денари од кои 300.000 се за годишната програма, а останатите 300.000 за осумнаесетто издание на Танцовиот фестивал.

Во истата област, 233.000 денари се доделени на Асоцијацијата на фолклорни ансамбли и друштва на Албанците во Македонија (АФАДАМ) за организирање трет фолклорен фестивал „Аљуш Хамиди“ со одбележување 30 години од основање на Сојузот на албански културно-уметнички друштва во Македонија. АФАДАМ добиле пари и во областа Меѓународна соработка – 50.000 денари за учество на меѓународен детски фолклорен фестивал во Измир, Турција.

По 200.000 денари во областа Изведбени уметности добиле Меѓународниот театарски фестивал Скупи и Здружението за модерни танци „ИТ ДА БИТ“.
„ИТ ДА БИТ“ е меѓу здруженијата кои годинава добиле пари во две области. Освен за Изведбени уметности, тие добиле пари во областа Музички уметности, каде што им се одобрени уште 125.000 денари за „Новогодишен мјузикл 2022“.

Добитник во две области е и ансамблот за народни песни и игри „Ибе Паликуќа“. Во областа Меѓународна соработка, за учество на фестивал во Мармарис, Турција, добил 50.000 денари и уште 60.000 денари во областа Музејска дејност, културен туризам и промоција на културно наследство, за организирање меѓународен фестивал „Фолклорни вечери на чаршијата“ – 2022.

За проект „Звуците на Медитеранот“, Град Скопје доделил 200.000 денари на Катерина Стевковска во областа Музички уметности. Во областа Издавачка дејност и библиотекарство, 100.000 денари за проектот „Антологија на македонската рок-поезија 1967 – 2022“ се доделени на „Корупс деликти рекордс“.