Конечно асфалтирана улицата „808“ кај „Алкалоид“, „Пивара“, „Меркур“…

Градот Скопје ја заврши реконструкцијата на улицата „808“ во Општина Гази Баба, која беше во катастрофална состојба поради повеќе децениското неодржување.
Во октомври лани десет компании кои се лоцирани на улицата „808“ во индустриската зона во Општина Гази Баба побараа од Град Скопје итно да ја доврши улицата која стои раскопана една година. Во писмото испратено до Град Скопје и ЈП „Улици и патишта“ се потпишани компаниите „Европа“, „Алкалоид“, „Пивара Скопје“, „Меркур“, „Вилиџер“, „Алфи Техноцентар“, „Бурт Македонија“, „Клевер МК“, „Симакс шпедиција“ и „Годсмин“. Велат дека тие, но и граѓаните секојдневно трпат штети поради тоа што Град Скопје една година ја остави улицата раскопана, со дупки и отворени шахти.
Реконструкцијата на улицата 808 почна на 22 август 2023.
Улицата „808“ е една од најфреквентните сообраќајници во овој дел од Општина Гази Баба, а по истата се движат и голем број на товарни возила бидејќи се работи за индустриска зона.
Во првата фаза по подготвителните градежни работи, целосно се реконструираше водоводната мрежа и останата хидротехничка опрема, а со цел комплетна обнова на мрежата во овој дел на градот. Воедно се изврши реконструкција на атмосферската канализација, како и замена на нефункционалните сливници со што во иднина се превенираат поплави на овој потег, информираат од Град Скопје.
На оваа фреквентна сообраќајница на потег од крстосницата со улица „16-та Македонска бригада“ до крстосницата со булеварот „Киро Глигоров“, покрај новата водоводна и канализациона мрежа, реконструкцијата опфати обнова на коловозот на површина од 9.200 квадратни метри, а дополнително се изведоа и соодветно пешачка и велосипедска патека од двете страни. Градежните работи на улица „808“ ги изведе јавното претпријатие „Улици и патишта“ Скопје.