Конечни резултати од европските избори во Грција


Речиси четири дена по затворањето на гласачките места, Министерството за внатрешни работи на Грција, попладнево заврши со пребројувањето на гласовите од европските избори одржани во неделата, а со тоа познати се и конечните резултати, според кои, разликата меѓу опозициската Нова демократија и владејачката СИРИЗА изнесува 9,35 проценти.

Вкупно шест грчки партии обезбедија место во Европскиот парламент. Од вкупно 21-от грчки европратеник осум ќе бидат од Нова демократија, шест од СИРИЗА, по двајца од Движењето на промена, Комунистичката партија и Златна зора и еден од Грчко решение.

Поконкретно, според официјалните податоци од Министерството а внатрешни работи на Грција, со преброени 100 проценти од гласовите, излезноста била 58,76 отсто, пи што Нова демократија освоила 33,11 отсто, СИРИЗА 23,76, Движењето на промена 7,72, Комунистичка партија на Грција 5,35, Златна зора 4,88, Грчко решение (Велопулос) 4,18, а сите останати партии заедно 21 проценти.

Партијата Мера25 на поранешниот грчки министер за финансии Јанис Варуфакис освои 2,99 отсто од гласовите и за само 0,01 процентен поен остана без претставник во Европскиот парламент, бидејќи цензусот за освојување мандати беше три проценти.

Под цензусот останаа и три партии што имаат свои претставници во актуелниот грчки Парламент. Така, Река освои 1,52 проценти, Сојузот на централистите 1,45, а Независни Грци 0,80 отсто од гласовите.

Разликата меѓу Нова демократија и СИРИЗА е 9,35%, односно актуелната опозициска партија доби над половина милион повеќе гласови во однос на владејачката. За Нова демократија гласале 1.872.814 граѓани, а за СИРИЗА 1.343.793.

Доколку се анализираат официјалните резултати на европските избори, Нова демократија добила најмногу гласови (42,83 отсто) во изборната единица Лакониа во јужниот дел на полуостровот Пелопонез, додека пак СИРИЗА (34,77 проценти) во Арта во областа Епир, од каде што потекнува таткото на премиерот Алексис Ципрас.

На минатите евроизбори во мај 2014, вкупно седум партии имаа свои пратеници во ЕП. СИРИЗА беше победник со 26,57 отсто и освои шест пратенички места во Европскиот парламент, а зад неа беше Нова демократија со 22,72 проценти и пет пратеници. Потоа следеа Златна зора со три, коалицијата на ПАСОК, Река и Комунистичката партија со по две пратенички места и Независни Грци со еден пратеник.

Грчките државјани кои живеат во странство имаат право на глас само на европските избори, а во неделата, мнозинството од нив гласале за Нова демократија.

Официјалните податоци од Министерството за надворешни работи на Грција покажуваат дека најголемата грчка опозициска партија добила 3.824 гласови од дијаспората, односно 33,89 отсто, а владејачката СИИРИЗА 1.724 гласови или 15,28 проценти.

Според гласовите на Грците кои живеат во странство, трета е Комунистичката партија, а понатаму следат Движењето на промена, Река, Златна зора, Мера25, и Зелени екологисти.

Редоследот на силите според гласовите на Грците кои живеат во странство, беше идентичен и на европските избори во 2014 година, но тогаш разликата меѓу Нова демократија и СИРИЗА изнесуваше осум отсто.