Кондиторски производи, вино, достигнувања од ИТ технологијата ќе презентираат македонските компании на 4. Саем на Кина и земјите од ЦИЕ

Петнаесет македонски компании годинава ќе ги претстават своите производи на 4. Саем на Кина и земјите од Централна и Источна Европа, а официјалната делегација ќе ја предводи заменик министерот за економија Марјан Ристески. Според најавите, учесници од Северна Македонија ќе има речиси на сите форуми што се организираат на овој голем настан.
На саемот, според информации од Министерството за економија ќе учествуваат компаниите Алтера Фуд, Витаминка, Винчини, Бест Фуд, Виталија, Евал, М3ДС Академи, Соко Горица, Техногума, а ќе бидат претставени и вината на Тиквеш, Стоби, Имако, Крњево и Лепово. Македонските вина се веќе присутни на кинескиот пазар.
Заменик министерот за економија Ристески, заедно со претставници на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, стопанските комори и компаниите ќе присуствува на Отворањето на саемската манифестација, а во попладневните часови по локално време ќе има средба со заменик министерот за трговија на НР Кина задолжен за надворешна трговија, Линг Џи (Ling Ji).
Како што јави известувачот на МИА, тема на годинашната саемска манифестација е „Нова визија за иднината“ и таа претставува значајна платформа за зајакнување и проширување на соработката, но и можност за презентација на производи од земјите на Централна и Источна Европа што би можеле да се извезуваат и да се најдат на кинескиот пазар. Ова е добра можност и комании и бизнисмени од други земји да ги вкусат и да ги видат нашите производи.
Кина е четврта земја по ред со која Република Северна Македонија остварува најголем обем на размена со светот. Според податоците од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, во 2024 година сме извезле производи со вкупна вредност од само 56,740 американски долари, додека увозот од Кина бил 1,165,780 американски долари. Во 2023 година извозот бил 112.339 американски долари, а кај нас се увезени производи со вкупна вредност од 1.083.920 американски долари. Интенцијата е да се направат напори што повеќе македонски производи да се извесуваат на овој милионски пазар со огромен потенцијал, а со тоа и да се намали дефицитот во трговската размена кој е огромен и од година во година се зголемува.
Северна Македонија во Кина извезува вино, мермер, травертин, алабастер, варовнички камен, фероникел, индустриски и лабораториски печки, машини со посебни функции, апарати за заштита на електрични коли. Увезуваме памук, индустриски машини, полиетиленски влакна, тракови на стаклени влакна, валани производи, челик, електроника, стоки за широка потрошувачка (кикирики, конзервирани домати, млечна, винска, лимунска киселина) гуми за автобуси и камиони, шперплочи, камења за споменици и градби, керамички плочки, машини за климатизација, трицикли и тротинети итн.
Хуманоидни роботи и иновациска технологија во хабот „Digital&Intelligent CEEC“
Официјалното отворање на 4. Саем на Кина и земјите од Централна и Источна Европа е утре (22 мај) во претпладневните часови, по што се планирани форуми за економија и трговија, сесии за инвестициски промоции, како и програма за културна размена. Меѓу нив се Дијалогот за соработката царините, инспекциите и карантини, Заеднички состанок на стопанските кпомори, Форум на градоначалници, но и Медиумска дебата, на која ќе учествуваат претставници на повеќе медиуми и здруженија од земјите од ЦЕИ, Кина и други земји. Дополнителни настани вклучуваат „Hi-Go CEEC“ малопродажни промотивни активности, посебно претставување на Словачка и Словенија почесни земји учеснички на саемот, Сесија за меѓусебно поврзување на потенцијални инвеститори од Кина и земјите од ЦЕИ, Форум за поврзува на млади таленти во технологијата, Меѓународна регата и туристичка промоција, кулинарски настан и меѓу другите настани поврзани со трговија, инвестиции и култура.
На саемот во Нингбо, како што најавуваат кинеските медиуми, домаќинот ќе ја презентира својата технолошка сила. За прв пат ќе има саемски дел „Digital&Intelligent CEEC“. Водечките кинески компании како Shanghai Zhiyuan Robotics и Beijing Xingdong Era, заедно со компании од Жеџијанг, како што се Unitree, DeepSeek и Lingban Technology, ќе прикажат хуманоидни роботи, четвороноги роботи и технологии за AR интеракција. Локалните иноватори од Нингбо, вклучувајќи го Иновацискиот центар за хуманоидни роботи на Жеџијанг, Институтот за истражување Junpu и Emergen, исто така ќе се приклучат, прикажувајќи повеќе од 10 хуманоидни роботи и други иновативни проекти.
Од земјите од Централна и Источна Европа, унгарскиот голем мултисензорен VR парк ќе ги однесе посетителите во дигиталниот свет, а се најавува дека словенечкиот Pipistrel, кој се смета за глобален лидер во електричните авиони, дека ќе презентира лесни и високо перформансни модели. Унгарската „Magical Wall“ ќе му овозможи на аудиториумот да ја истражува унгарската историја и култура спојувајќи технологија со културна интеракција.
На саемот на 20.000 метри квадратни ќе бидат претставени преку 8.000 производи од повеќе од 400 изложувачи од 14 земји од ЦЕИ и девет други европски држави, а се очекуваат 15.000 професионални учесници. Исто така на изложбен простор од 60.000 метри квадратни ќе бидат претставени преку илјада компании со над 3.000 прекуокеански купувачи од 72 земји и региони.
Соработката на Кина со земјите од Централна и Источна Европа датира од 2012 година. Покрај Северна Македонија, во процесот се вклучени Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Чешката Република, Грција, Унгарија, Црна Гора, Полска, Романија, Србија, Словачка и Словенија.
Оттогаш Кина станува клучен трговски партнер на земјите од Централна и Источна Европа.
Во 2024 година вкупната трговска размена меѓу Кина и земјите од ЦЕИ изнесувала 142,3 милијарди долари. Во овие земји минатата година Кина извезла производи во вкупна вредноста од 111, 1 милијарди долари, додека увозот од овие земји извесува само 31, 2 милијарди долари.
Најголеми трговски партнери на Кина во 2024 година од земјите од ЦЕИ се Полска, Чешка и Унгарија. Во 2024 година инвестициите на Кина во земјите од ЦЕИ изнесувале 24 милијарди долари.
Во изминатите 13 години во рамки на оваа соработка воспоставени се преку 50 платформи за соработка со земјите од Централна и Источна Европа во повеќе од 20 области вклучувајќи ја економијата, трговијата, инвестициите, финансиите, транспортната инфраструктура, скајтеч иновациите, енергетиката, културата, туризмот, образование, медиумите, соработка на локално ниво, надзор и карантин, здравство, и шумарство со повеќе од 500 практични мерки кои веќе се спроведуваат, информираат од кинеското Министерство за надворешни работи.
Преку оваа соработка се реализираат или се завршени повеќе инфраструктурни проекти, како железничката пруга Белград-Будимпешта, Пристаништето во Пиреа (Piraeus), мостот Пељешац во Хрватска, HBIS Железарата во Смедерово- Србија, автопатот Север – Југ во Црна Гора и ветерниот парк Ивовик во БиХ. Кај нас завршен е автопатот Миладиновци – Штип, а на Кичево – Охрид се уште се работи.
Во рамките на оваа соработка преку инвестициски фонд беше овозможена специјална кредитна линија од 10 милијарди долари за земјите од ЦЕИ.
Кина дозволи увоз на преку 200 категории на храна, земјоделски производи и друго од земјите од ЦЕИ. Овозможени се преку 50 карго летови неделно до земјите од ЦЕИ, а исто така се зголемува и бројот на кинески туристи кои ги посетуваат овие европски земји, меѓу кои и нашата. Кина исто така започна и со воведување на визни олеснувања.