Концерт за обоа, флејта и харфа на Лазаревски, Дојчинова и Секулиќ во Софија


Во Културно-информативниот центар на Северна Македонија во Софија вечерва ќе се одржи концерт за обоа, флејта и харфа. Ќе настапат Владимир Лазаревски – обоа, Елена Дојчинова – флејта и Љубица Секулиќ – харфа, со изведба на музички дела од Георг Филип Телеман и Јохан Јоаким Кванц.

Владимир Лазаревски свири обоа од својата петнаесетта година. Дипломирал и магистрирал во 2003 година на Националната музичка академија „Панчо Владигеров“  во Софија, Бугарија во класата на проф. Георги Желјазов.

Лазаревски е лауреат на меѓународниот музички натпревар „Алегро Виво” во Австрија, како и на „Земјата и Луѓето” во Бугарија. Добитник е и на државни награди за обоа и камерна музика.

Тој моментно е вработен како прв обоист во Македонската филхармонија, а е ангажиран и како вонреден професор на музичката академија при државниот универзитет „Гоце Делчев“ во Штип од неговото формирање во 2007 година. Исто така, член е на камерниот квартет „Мјузик Прогресив“,  на ансамбалот за современа музика КОНТЕМПОРА и симфонискиот оркестар за филмска музика „FAMES“.

Елена Дојчинова е вработена како прва флејта во НУ Филхармонија на Република Македонија. Со својот лиричен израз и виртуозност се вбројува помеѓу најталентираните флејтисти во нашата држава.  Дојчинова, освен како дел од оркестарот на Филхармонија активно е присутна на македонската сцена и како солист и камерен музичар. Соработката со НУ Филхармонија започнува во 2013 година, каде што настапува заедно со врвни музички имиња на диригенти и солисти од светски ранг.

Љубица Секулиќ дипломирала на Факултетот за музичка уметност инструмент харфа во 2006 година во класата на проф. Љиљана Несторовска, а во 2007 година дипломира и на инструментот виола на ФМУ Белград во класата на проф. Дејана Млаџеновица.

Добитник е на награди и  стипендии од фондациите„Андерс Сандру Стифтесле“ во 2006 и 2009 година, „Кунглига Мусикалиска“ во 2008 и 2009 година и „Ротари Студент хаус“ 2007 година, како и на многу државни и меѓународни награди од музичките натпревари по харфа, виола и камерна музика.