Концерт на Националниот џез оркестар и Пјер Миле & Бети Жардан


Во Филхармонија вечер од 20 часот Националниот џез оркестар ќе одржи концерт на кој како гости ќе ги има француските уметници Пјер Миле (труба) и Бети Жардан (вокал). Диригент на концертот ќе биде маестро Џијан Емин.

Роден во средината на 1970-тите, Пјер Миле се етаблира како инспиративен инструменталист и композитор кој покрај џез музиката соработува со бројни уметници од областа на рок музиката, како и разни други жанрови, од циркуска музика до шансони.  

Во својата кариера има настапувано со различни музички ансамбли, почнувајќи од биг-бендот на неговиот татко Jean-François Millet, потоа AB Sextet, Les Elles, и во поново време Surnatural Orchestra, покрај пијанистот Faraj Suleiman. Тој е лидер, ко-лидер и композитор во неколку ансамбли меѓу кои триото Ana Kap, дувачкиот оркестар Chromatic Museum, квартетот Blast, и квинтетите Renza Bô и Décor-um.

Бети Жардан е француска пејачка која живее во Нормандија и во својата кариера често соработува со Пјер Миле.  Има студирано џез теорија на Конзерваториумот во Каен, а изучувала и индиска музика во Јужна Индија, каде престојувала повеќе од една деценија.

Дел е од биг-бендот Jazz à Montpellier, како и составите Ana Kap и Breath & Breath.  Бети e карактеристична по својот уникатен вокален стил и способноста да комбинира различни музички жанрови. Критиката за неа ќе забележи дека е препознатлива по „интеракцијата меѓу џезот и индиската музика кои ѝ даваат препознатлив вокален сензибилитет и уникатност“. 

На концертот со Националниот џез оркестар имате можност да уживате во биг-бенд аранжманите на композициите и стиховите на Пјер Миле и Бети  Жардин кои истражуваат различни емотивни пејзажи и човечки врски изразени преку музика и поезија, како и широк спектар на чувства, од носталгија и ескапизам до надеж, издржливост и интроспекција.

Преку поетските текстови и музичките композиции, овие двајца уметници ја истражуваат убавината на сонот, текот на времето, невиноста на детството и борбата со себичноста и стравот. Секое нивно дело рефлектира длабока врска со културните, личните и универзалните моменти, спојувајќи ја имагинацијата со искрените рефлексии, притоа славејќи ја во целост човечката природа, во сета нејзина убавина и противречности.