Концерт на хрватскиот ансамбл „Ладо“ во Националната опера и балет Скопје, гостин македонски „Танец“

Ансамблот за народни игри и песни на Хрватска „Ладо“ денеска ќе се претстави со концерт на народни игри во Национална опера и балет, Скопје. Гостин на концертот ќе биде македонскиот ансамбл „Танец“.
Во богатата низа на разновидни концерти кои „Ладо“ ги изведува во текот на годината, се вели во соопштението од Националната опера и балет, најбрилијантни се играорните програми во кои може да се види целиот сјај на ансамблот.
-Годинава „Ладо“ подготви програма со која публиката ја води на патување низ различни региони на Република Хрватска и други простори каде живееат Хрвати. Со темпераментна изведба на народни игри, различни видови на пеење и музички пракси, инструменти, дијалекти и раскошен колорит на народни носии, „Ладо“ ве води низ богатото културно наследство во кое со игри, песни и музика се создава фолклорна уметност со автентичен стил што „Ладо“ го негува и развива веќе 76 години, се додава во соопштението.
Концертот е кофинансиран од Министерството за култура и медиуми на Република Хрватска, Министерството за надворешни и европски работи на Република Хрватска и со поддршка на македонското Министерство за култура и туризам.