Концерт на хорот „Менада“ и групна изложба – први настани во македонскиот КИЦ во Белград

Концерт на Mакедонскиот женски младински хор „Менада“ од Тетово и групна изложба насловена „Два конца парај“ утревечер се првите настани кои ќе бидат организирани во македонскиот Културно-информативниот центар во Белград. КИЦ Белград е сместен на улица „Македонска“ 30 и неговото официјално отворање се планира за во мај.
Mакедонскиот женски младински хор „Менада“ од Тетово ќе одржи концерт утревечер во 19 часот. Педводен од маестро Ивица Зориќ, хорот ќе се претстави со 50-минутна музичка програма, која во најголем дел ќе содржи духовна музика, а ќе бидат исполнети и неколку македонски евергрин композиции.
Хорот „Менада“ во своето 44-годишно постоење има исполнувано преку 500 ренесансни, класични и современи дела, како и дела од македонската народна музика, духовни песни и евергрин композиции. Диригентот Зориќ има организирано повеќе од 1000 концерти на класична музика, а за својата долгогодишна успешна работа е наградуван со врвни државни награди.
Покрај концертот на хорот „Менада“, утревечер во КИЦ Белград ќе биде отворена и групна изложба со наслов „Два конца парај“, на која ќе бидат претставени дела од 24 уметници, кои, како што информира организаторот на настанот, „се своевиден мост на поврзување и пријателство помеѓу македонската и српската ликовна уметност и култура.“
-КИЦ Белград во соработка со Друштвото на ликовни уметници „Македонци во Србија“, Галеријата „M“ и „Нушиќ Фондацијата“, избраа 50 дела од сите генерации уметници, кои во најголем дел од својот животен век твореле во Белград и во Србија, наведува КИЦ Белград во најавата за утрешниот настан.