Концерт на Дони МекКаслин од САД и Националниот џез оркестар


Љубителите на џезот вечер, во 21 часот, во Македонскиот народен театар ќе имаат можност да присуствуваат на концертот на еден од најсмелите и највпечатливи саксофонисти и композитори на современата џез сцена, Дони МекКаслин од САД и Националниот џез оркестар. Диригент на концертот ќе биде маестро Владимир Николов. 

Како што информира Националниот џез оркестар, МекКаслин продолжува да ги редефинира границите на џезот, создавајќи музика која живее на пресекот меѓу жанровите – каде електрониката, арт-рокот и импровизацијата се среќаваат со слободата на изразот. За тоа сведочат албумите Blow (2018) и I Want More (2023) – хибриден звук кој не припаѓа на еден жанр, туку на уметноста како процес на преобразба.

– Сè започна со синтисајзер што пулсира во слободен ритам, за потоа да премине во тенор-соло што звучеше и како бура и како молитва, напиша „New York Times“ за еден негов концерт.

Билетите за концертот може да се набават online на MKTickets и на продажните места на МКТикетс. На самиот ден на концертот билетите ќе бидат достапни и на билетарницата на Македонскиот народен театар (МНТ).