Концерт „Музика и цртан филм“, посветен на најмладата публика

Во организација на Пламенка Трајковска, виолинистка, композитор и членка на Државната филхармонија, како и основачка на музичката организација „Пламенка Трајковска – мали камерни состави“ денеска во Дајмонд Мол во Скопје ќе се одржи концерт „Музика и цртан филм“, посветен на најмладата публика.
– Цртаните филмови се медиум кој најнепосредно допира до детскиот свет. Во нив има прекрасна музика, често базирана на класични композиции. Нашата цел како камерни состави е да ја доближиме класичната музика до најмладите, а преку познати и сакани теми од цртаните филмови, таа станува блиска и препознатлива, изјавила Трајковска, се наведува меѓу другото во соопштението од организаторите на концертот.
Според Трајковска, концертите не се само уметничко, туку и образовно искуство.Слушањето класична музика во живо, потенцира таа, е доживување кое не може да се спореди со слушање снимки. Посочува дека децата учат да ги препознаваат инструментите, ритамот и мелодијата, што ги развива нивната емоционална интелигенција, концентрација и креативност.