Концерт „Музички мостови“ на триото „Интерарт“ во Истанбул

Триото „Интерарт“ од Битола вечер ќе одржи концерт „Музички мостови“ во Ерменската католичка црква „Сурп Левон“ во Кадиќој, Истанбул.
Како што информира Македонскиот Културно-информативен центар во Истанбул, на концертот ќе настапат истакнатите македонски изведувачи – флејтистите Емилија Ристевска Стефановска и Александар Стефановски, заедно со пијанистката Татјана Божиновска. Со својата изведба, уметниците ќе ги пренесат слушателите низ светот на класичната и современата музика, интерпретирајќи дела на Д. Шостакович, Ф. Доплер, С. Петровски, А. Фурстенау и И. Кларк.
Концертот е дел од годишната програма на македонскиот Културно-информативен центар во Истанбул во соработка со Асоцијацијата на Истанбулската филхармонија, поддржан од Министерството за култура и туризам на Македонија.