„Комунална хигиена“ реши да ја исчисти Пластичарска
Еко-патролата на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје денеска спроведе превентивно-информативни разговори со сопствениците на трговските објекти на скопската Пластичарска улица (бул.Никола Карев).
Дуќанџиите беа информирани како правилно да го исфрлаат својот отпад, со цел да се спречи создавањето диви депонии и да се заштити животната околина.
ЈП „Комунална хигиена“-Скопје ги засили дежурствата на повеќе локации во овој реон, што се маркирани како црни точки со најчеста појава на несовесно одлагање на отпадот од страна на граѓаните. Во три смени се спроведуваат дежурства кај Теќето на Пластичарската улица, во близина на Т.Ц.Чаирчанка, на улиците „Џон Кенеди“ и „Втора македонска бригада“.
Еко-патролата деновиве реализира и дежурства во скопската Општина Кисела Вода, во координација со општинските комунални редари. Активностите се одвиваат на најпроблематичните локации на улиците „Христо Татарчев“ и „Димо Хаџи Димов“, каде што е забележано континуирано создавање диви депонии како резултат на неправилно исфрлање на отпадот и прекршување на Законот за јавна чистота.