Компромисите и натаму се неопходни, изјави новата германска амбасадорка


Петра Дрекслер му ги предава акредитивите на претседателот Стево Пендаровски

Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваната амбасадорка на Германија, Петра Дрекслер. Посакувајќи ѝ добредојде на амбасадорката Дрекслер, претседателот Пендаровски оцени дека двете држави ги поврзува традиционално и искрено пријателство, што е засновано на разновидна соработка, меѓусебно почитување и отворен пристап.

Тој оцени дека за нас е особено значајно што Германија демонстрира јасна подготвеност за поддршка на Македонија на патот кон полноправното членство во Европската унија.

Во обраќањето амбасадорката Дрекслер оцени дека нашиот билатерален однос е одличен и се протега многу подалеку од соработката на ниво на влади и тој го опфаќа ангажманот на политичките фондации и организациите на културните медијатори или на големата билатерална Стопанска комора, која е израз на опсежното присуство на германското стопанство во Северна Македонија и ја отсликува позицијата на Германија како најзначаен трговски партнер.

„Посетите на претседателот, на канцеларот и на министерката за надворешни работи изминатите месеци се јасни знаци за тоа дека стоиме на страната на Вашата земја. Сојузната влада и понатаму ќе го придружува пристапниот процес кон ЕУ како доверлив партнер. Свесни сме за компромисите кои ги изискуваше овој пат и се болни за многу луѓе во Македонија и кои и понатаму се потребни за неопходната уставна промена“, рече Дрекслер.