Композиторот Љупчо Константинов добитник на наградата „11 Октомври“ за животно дело


Композиторот Љупчо Константинов е добитник на државната награда „11 Октомври“ за 2023 година. 

Наградата, како што соопшти Министерството за култура, на Константинов му се доделува за животно дело во областа на културата и уметноста. 

Со државната награда „11 Октомври“ се оддава највисоко признание за животно дело во областа на науката, уметноста, стопанството и во другите дејности од јавен интерес. 

Државната награда ја доделува Одборот за доделување на државната награда „11 Октомври“, составен од претседател и 12 члена.

Наградата на добитниците ќе им биде врачена на 11 Октомври 2023 година (среда) во 12 часот во Собранието на Република Северна Македонија. 

Љупчо Константинов (р. 1946) е композитор и автор на филмска музика. Дипломира на Музичката академија во Белград. Како автор на музика се јавува во играни, документарни и анимирани филмови, во голем број ТВ-филмови, серии и драми, како и во над 60 театарски претстави. Добитник е на повеќе награди и признанија, меѓу кои: за музиката во филмот „Среќна Нова ‘49“ ги освојува наградите „Златна арена“ за оригинална филмска музика на ФФ во Пула (1986) и бронзена плакета „Милтон Манаки“ за музика на ФФ во Битола (1986), а добитник е и на три златни лаврови венци на МЕСС – Сараево, за театарските претстави „Електра“, „Шехерезада“ и „Фауст“, добива и награда на критиката на Вториот интернационален фестивал во Мексико Сити за најдобра музика за претставата „Шехерезада“, потоа на театарските игри „Војдан Чернодрински“ добива награда за музиката во театарската претстава „Старите фотографии“… Се јавува и како музички продуцент и директор на Првиот национален избор за песна на Евровизија.