Комплетно реновиран одделот за трауматологија на Клиника за ТОАРИЛУЦ

Министерот за здравство, Азир Алиу и заменик министерот, Јовица Андовски, заедно со претседателот на Владата, проф.д-р Христијан Мицкоски и директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, денеска ја посетија Клиниката за ТОАРИЛУЦ, по повод извршеното комплетно реновирање на одделот за трауматологија.
-Продолжуваме со инвестициите во здравствената инфраструктура кои се клучни за унапредување на условите за третман на пациентите. Инвестицијата на одделот за трауматологија е посебно значајна имајќи предвид дека на овој оддел се лекуваат пациенти во исклучително тешка здравствена состојба. Веќе е во напредна фаза и реновирањето на одделот КАРИЛ, така што навистина изминатиот период се реализирани бројни инвестиции за целокупно унапредување на условите во оваа врвна терциерна установа, изјави министерот Алиу.

Во рамки на оваа инвестиција, извршена е замена на сите прозорци, врати, подови и поставени се нови кревети за пациентите, со што одделот е комлетно обновен после повеќе од 20 години.
Изминатиот период на оваа Клиника е реализирано и значително кадровско зајакнување, со вработување вкупно 36 лица, меѓу кои доктори, медицински сестри и друг медицински и немедицински кадар, а во сегментот на нова опрема, ставени се во функција три рендген апарати, набавени се два нови аспиратора, а во тек е набавката на нов декса-скен и апарат за прочистување на крвта.
Осум доктори на специјализација, четири доктори на медицина, 22 болничари, 12 хигиеничари и 20 медицински сестри се вработени на Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и Ургентен центар (ТОАРИЛУЦ).
Ова денеска го изјави директорот на Клиниката за ТОАРИЛУЦ, Игор Мерџаноски, кој рече дека тие кои работеле со договор на дело се вработени на неопределено време и седум години чекале за решение за работа.
– Со проектот на Владата и Министерството успеавме да ги вработиме и да им дадеме иднина, додаде Мерџаноски.