Комплекс од десеткатници и бизнис-центри се гради кај новиот мост на Вардар
На површина од 9.440 метри квадратни покрај Вардар, кај новиот мост што се гради зад хотел „Русија“ никнува нова населба со сопствена катна гаража и дури три бизнис-центри.
Комплексот го гради „Саник инженеринг“, компанија со 15-годишно искуство.
На својата веб-страница, проектот го најавуваат како „рапсодија во зелено и сино“ со оглед на близината на реката Вардар, но и густата шума околу објектот. Поставена е и мапа која дава информации за оддалеченоста на сите културни, спортски и јавни објекти кои ќе им бидат на располагање на оние кои ќе се одлучат да купат стан во овој комплекс.
Од сликите се гледа дека комплекост располага со три згради во облик на буквата „п“, како и два помали бизнис-центри, а зад зградите проектирана е катна гаража, чија одредена површина, исто така ќе биде искористена за деловни простории.
Се нагласува дека поврзаноста на комплексот го овозможува новиот мост „Михајло Апостолски“, кој се гради преку Вардар, а треба да ги поврзе булеваорт „АСНОМ“, со Керамидница, односно со центарот на Скопје, преку поранешен Саем (сега Скопје ист гејт), Судска палата и комплекот факултети.
„Дополнително, за сите станари на „Скопје риверсајд“ клучна предност е близината на пешачките и велосипедските патеки на само неколку метри од вашиот дом, на самиот кеј на реката Вардар. Урбано уреден со јавно шеталиште и велосипедска патека од едната страна преку мостот „Михајло Апостолски“ се поврзувате со паркот на езерата, спортскиот комплекс „Јане Сандански“, хотел „Русија“, бројни ресторани, кафетерии, супермаркети, шопинг-центри, детски градинки, училишта. Во непосредна близина е “East Gate Mall“, општини, универзитети, болници, гастерономски и други забавни објекти“, стои на нивната веб-страница.
Вкупниот број станови изнесува 1.496, со обезбедени 2.456 паркинг места и нето деловна површина од 11.017 метри квадратни.
Само во еден од објектите „Axios“ со десет ката, приземје и поткровје, треба да има 110 станови, со квадратура од 42 до 91 метар квадратен.
Според проектот, како што може да се види од сликите поставени на веб-страната, сите обекти имаат зелени градини на покривот, како и многу дрвја околу објектите, пристапни улички, детски игралишта и други урбани елементи.