Компанијата „Костал“ е прва која плаќа корпоративен данок од 15 отсто

Прва компанија кај нас која го плаќа корпоративниот данок од 15 проценти е компанијата „Костал“. Ова решение веќе помина на Комисијата за економски систем при Владата, истакна денеска во Охрид, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
„Оваа законско решение ќе значи дека сите пари ќе останат во Македонија, ќе значи нови работни места, зголемен девизен прилив и економски раст“, додаде вицепремиерот Николоски.
Тој се заблагодари за општествената одговорност што ја има компанијата.
„Во понеделникот на Комисиjaта за економски систем и тековна економска политика што ја предводам во рамки на Владата, можам слободно да ги пофалам, ‘Костал’ е првата компанија која се согласи глобалниот корпоративен данок да го плаќа тука во Македонија. Тоа се дополнителни средства во македонскиот буџет и очекувам во годините што доаѓаат да се равива соработката и да се отвораат нови работни места, да се зголемува извозот, да се зголемува девизниот прилив и да расте економијата. Владата е партнер на компаниите“, изјави вицепремиерот Николоски.
Тој денеска присуствуваше на глобалниот состанок на добавувачи и логистика во рамки на Групацијата „Костал“, каде што истакна дека ова е одлична можност за вклучување на домашните мали и средни компании.
„Mислaм дека овој состанок е голема шанса за многу македонски мали и средни компании кои што можат да се вклучат во ланецот на снабдување на Групацијата Костал, што значи отворање на дополнителни работни места, стимулирање на семејните бизниси, стимулирање на малите и средни бизниси и тоа може да значи потенцијално уште поголем економски развој. Ние заедно со тимот на Костал разговараме и за проширување на инвестициите, што беше спомнато и од раководството. Тука сме да помогнеме со сето она што може да го направиме“, додаде вицепремиерот Николоски.