Компанијата ја „уби“ лошото време
Продажбата на облека во H&M во вториот квартал е послаба поради студеното време.
Шведската малопродажна компанија H&M (Hennes & Mauritz), која првенствено се занимава со продажба на облека, забележа послаб раст на продажбата во вториот квартал поради студеното време.
Продажбата во вториот квартал, од 1 март до 31 мај, е зголемена за шест отсто во однос на истиот период лани, на 57,616 милијарди шведски круни или околу 4,95 милијарди евра, објавено е на веб-страницата на компанијата.
Пазарите очекуваа раст на продажбата од седум отсто од година во година, пренесува Ројтерс.
„Продажбата во вториот квартал беше под влијание на неповолните временски услови на неколку големи пазари на групацијата H&M“, се додава во соопштението на компанијата.
Нивниот најголем пазар е Германија, потсетува британската агенција.
Во исто време, шведската компанија објави дека е задоволна од првите резултати од јунската продажба.
Целосните резултати за вториот квартал ќе бидат објавени на 29 јуни.