Компанијата „Епл“ го прослави својот 50-ти роденден


Три милијарди продадени ајфон уреди, астрономска пазарна вредност и половина век иновации – „Епл“ вчера го прослави својот 50-ти роденден со извонредни деловни резултати, иако се чини дека компанијата заостанува зад револуцијата на вештачката интелигенција, што најдобро се гледа по доцнењето во редизајнот на неговиот гласовен асистент „Сири.“

Стив Џобс, маркетиншкиот гениј, и Стив Возњак, изумителот на Мек, го променија радикално начинот на кој човештвото ја користи технологијата во ерата на интернетот. Тие создадоа технолошка империја која е дел од квартетот компании што веќе ја надминале вредноста од 4.000 милијарди долари на берзата. Двајцата студенти, кои го напуштиле факултетот, го променија начинот на кој луѓето користат компјутери, слушаат музика и комуницираат во движење, претворајќи го секојдневниот живот во мрежа апликации на паметниот телефон.

Според аналитичката компанија Каунтерпоинт Рисрч, водечките производи на „Епл“: Мек, ајфон, Епл Воч и ајпад, предизвикуваат големо влијание врз корисниците. Почетоците на сегашната компанија се случиле во гаражата на Стив Џобс во Купертино, Калифорнија – 1 април 1976 година. Оттогаш, „Епл“ има продадено околу три милијарди ајфон уреди (од 2007 година), остварувајќи приходи од околу 2.300 милијарди долари.

Аналитичарот Јанг Ванг, нагласи дека ајфонот е најуспешниот електронски производ создаден досега во технолошката индустрија – го преобликувал телефонот станувајќи светски симбол за мода и општествен статус. Во 1984 година, „Епл“ предизвика пресврт во областа на персоналните компјутери со лансирањето на Мекинтош, чии интерфејс и глувче го направија компјутерот достапен за пошироката јавност. Оттогаш започна легендарното ривалство меѓу Стив Џобс и Бил Гејтс, основачот на Мајкрософт.

– Компанијата е основана врз едноставна идеја дека технологијата треба да биде лична, и тоа радикално верување во тоа време промени сè, преку јавно писмо соопшти извршниот директор Тим Кук, по повод 50-годишнината на компанијата.