Компаниите во зоните ѝ дадоа оценка 4,48 на ТИРЗ


По спроведената анкета за задоволство на корисниците за 2024 година, средната оценка од задоволството на сите компании корисници на ТИРЗ изнесува 4,48 од максимум 5.00.

Како што информира денеска Дирекцијата за технолошко-индустриски зони (ТИРЗ), ова претставува позитивен тренд и раст во однос на 2023 година, кога просечната оценка изнесуваше 4,42, што укажува на континуирани подобрувања во квалитетот на услугите и поддршката што ја нуди Дирекцијата за ТИРЗ.

Анкетата ги опфатила сите главни аспекти важни за функционирањето на зоните, вклучувајќи задоволство од услугите на Дирекцијата за ТИРЗ, како и знаењето, вештините и способноста на вработените, точноста на добиените информации и брзината на постапување по доставено барање и оценка на задоволство од начинот на комуникација со вработените.

– Овој пристап овозможи добивање детална слика за потребите и очекувањата на инвеститорите, како и идентификација на клучните области за подобрување. Дополнително, резултатите послужија како основа за креирање конкретни мерки за унапредување на услугите, со цел да се одржи позитивниот тренд на раст на задоволството. Дирекцијата за ТИРЗ и понатаму останува посветена на подобрување на услугите и поддршка на инвеститорите, се со цел креирање на уште поатрактивни и поконкурентни услови за странските инвеститори, се наведува во соопштението од ТИРЗ.