Комесарот за национални малцинства на ОБСЕ нуди експертиза за малцинските права во Македонија


Кристоф Камп кај Гордана Сиљановска-Давкова

 

Високиот комесар за национални малцинства на ОБСЕ, Кристоф Камп, ѝ предложил на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова експертска помош во креирањето или иновирањето на правната рамка во Македонија, доколку има интерес и барање од страна на македонските институции.

Високиот комесар понудил експертиза на постојната национална регулатива за заштита на малцинските права, како и на нејзината имплементација. Тој ја потенцирал важноста на инклузивниот процес на одлучување на сите нивоа во кој секој припадник на било кое малцинство ќе има шанса да учествува, се вели во соопштението од кабинетот на претседателката.

Претседателката Сиљановска-Давкова ја истакна усогласеноста на нашата легислатива за малцинствата со највисоките стандарди за малцински права, но и потребата од поголема грижа за помалите малцинства, со оглед на нивната ранливост.

Обајцата ја истакнаа важноста на добрососедските и пријателски односи, чиј важен фактор е почитувањето на малцинските права.  

Сиљановска ја реафирмирала идејата за изработка на компаративна регионална студија за гарантирањето и почитувањето на малцинските права во балканските држави, вклучувајќи ја и нашата.