Комерцијална банка со извонредни резултати – за шест месеци добивка од 46,2 милиони евра


Фото: Б. Грданоски

Комерцијална банка Скопје во првото полугодие годинава оствари извонредни финансиски резултати – добивката изнесува 2.844,6 денари или околу 46,2 милиони евра, за 42 отсто повеќе во споредба со истиот период лани, и за 34 отсто повеќе од планот. Станува збор за до сега најголема добивка која што ја реализирала некоја банка во Македонија и тоа на половина од календарската година.

Како што покажуваат неконсолидираните и неревидирани Биланс на успех и Биланс на состојба на банката за периодот 01.01 – 30.06.2024 година, доставени до Македонската берза остварената добивка пред исправка на вредност, која претставува показател за оперативната способност на Банката да ги покрива расходите од работењето, е за 46,0% поголема во однос на истиот период минатата година.

„Зголемувањето на добивката пред исправка на вредност главно произлегува од зголемените останати приходи од дејноста и зголемените нето приходи од камата, а во помал дел и поради зголемените нето приходи од провизии и нето приходи од тргување. Позначителното зголемување на останатите приходи од дејноста во споредба со истиот период минатата година е резултат на зголемените приходи од капитална добивка од продажба на преземен имот“, се вели во коментарот на Билансот на успех.

Вкупните приходи од работењето изнесуваат 4.503,8 милиони денари и бележат зголемување од 36,5 % во однос на истиот период од минатата година.

Нето-приходите од камата претставуваат основна компонента во формирањето на вкупните приходи од работењето и на 30.06.2024 година истите бележат зголемување од 22,2 % во однос на истиот период од минатата година. Планот за анализираниот период е исполнет со 113,0 %.
Приходите по основ на камата се зголемени за 27,6 %, и тоа кај сите категории на клиенти: кај секторот финансиски друштва поради зголемените каматни стапки на благајничките записи и на депозитите пласирани во НБРСМ, кај секторот држава како резултат на зголеменото вложување во државни хартии од вредност со зголемени каматни стапки, кај нефинансиските друштва поради зголемени пласмани, кај домаќинствата поради зголемени пласмани и кај нерезидентите поради зголемени пласмани во странски банки и зголемени каматни стапки, појаснуваат од Комерцијална банка.

Истовремено, расходите по основ на камaта се зголемени за 90,5 % поради зголемените орочени депозити и зголемените пасивни каматни стапки споредено со истиот период минатата година.
Нето-каматната маржа на ниво на Банката се зголеми од 3,43 % заклучно со крајот на првото полугодие од минатата година, на 3,88 % со 30.06.2024 година.

Нето приходите од провизии и надоместоци на 30.06.2024 година изнесуваат 611,8 милиони денари и во однос на истиот период од минатата година бележат зголемување од 13,7 % во најголем дел како резултат на зголемениот обем на активности особено во делот на работењето со картички. Планот за анализираниот период е остварен со 111,2%. Нето приходите од курсни разлики на 30.06.2024 година изнесуваат 180,4 милиони денари и бележат незначително намалување од 0,6 % во однос на истиот период од минатата година. Планот за анализираниот период е остварен со 110,7 %.

Останатите приходи од работењето на Банката на 30.06.2024 година изнесуваат 731,8 милиони денари и бележат зголемување за повеќе од 4 пати во однос на истиот период минатата година што речиси целосно е резултат на значително зголемените приходи од капитална добивка од продажба на преземен имот.

Во рамки на приходите од продажба на преземен имот и опрема најголемо учество имаат приходите од продажба на преземен имот од должниците Еуроникел Индустри ДОО с.Возарци, Кавадарци и Нова Рефрактори ДОО Пехчево евидентирани во месец април 2024 година. Планот е остварен со 195,7 %.

Оперативните расходи за периодот 01.01-30.06.2024 година изнесуваат 1.186,7 милиони денари и во однос на истиот период од минатата година се зголемени за 15,4 % во најголем дел како резултат на зголемените останати расходи, а во помал обем и поради зголемениот износ на плати и други трошоци за вработените и зголемената амортизација.

Позначителното зголемување на останатите расходи се однесува на расходите за преземени објекти, пред сѐ за преземениот имот од клиентот Еуроникел Индустри Кавадарци, со цел одржување на комбинатот во добра состојба за безбедно и ефикасно рестартирање на производниот процес. Планот е остварен со 106,9 %.

Во периодот од 01.01-30.06.2024 година, Банката прокнижи загуба поради оштетување на нефинансиските средства на нето основа во износ од 3,1 милион денари, односно 20% од нето вредноста на преземениот имот во согласност со регулативата од НБРСМ. Во извештајниот период Банката прокнижи исправка на вредност на финансиските средства и посебна резерва за вонбилансни изложености на нето основа во износ од 469,4 милиони денари, наспроти 266,8 милиони денари во истиот период минатата година.

Зголемувањето кај исправката на вредност на финансиските средства се должи на одобрувањето нови кредитни изложености на правни лица, промената на ризичната категорија кај одредени клиенти, како и заради стапување во сила на новата Одлука за управување со кредитен ризик која пропишува нови построги услови за преминување на побарувањата во нефункционалност и за враќање во редовен статус.

Кај Билансот на состојба, како што се посочува вкупната актива на Банката на 30.06.2024 година достигна износ од 166.758,4 милиони денари и во однос на декември 2023 година бележи зголемување од 1,9 %. Зголемувањето на вкупната актива во најголем дел се должи на зголемените кредити на комитенти, а во помал обем и поради зголемените вложувања во хартии од вредност и зголемените кредити и побарувања од банки. Планот е остварен со 99,3 %.

Паричните средства и паричните еквиваленти бележат намалување од 8,3 %, во најголем дел заради помалата состојба на пласирани депозити преку ноќ во НБРСМ и до 7 дена во споредба со 31.12.2023 година, а помал обем и поради намалената состојба на девизната сметка на Банката и на орочените девизни депозити во домашни банки, од кои дел се прелеани во пласмани во странски банки со рочност над 3 месеци заради остварување повисоки приходи. Планот е остварен со 88,4 %.

Средствата за тргување бележат намалување од 11,5 % како резултат на нето ефектот од купени и продадени акции. Планот е остварен со 92,0 %.

Финансиски средства по објективна вредност преку билансот на успех определени како такви при почетното признавање во износ од 369,8 милиони денари се состојат од вложувања во удели во инвестициски фондови.

Кредитите на и побарувањата од банки бележат зголемување од 60,7 %, кое се должи главно на пласираните девизни депозити во странски банки со рочност од 3 месеци до 1 година во валути USD, AUD и CHF. Планот е исполнет со 200,2 %. Кредитите на и побарувањата од други комитенти бележат зголемување од 12,0 % како резултат на зголемено кредитирање на секторите нефинансиски друштва и домаќинства. Планот е остварен со 109,3 %.

Вложувањата во хартии од вредност се зголемени за 9,8 % главно како резултат на зголемен износ на запишани континуирани државни обврзници во денари, а во помал обем и поради запишани државни записи во денари расположиви за продажба. Планот е остварен со 105,1 %.
Преземените средства врз основа на ненаплатени побарувања бележат позначително намалување по основ на продажби на преземен имот, пред сѐ од должниците Еуроникел Индустри ДОО с.Возарци и Нова Рефрактори ДОО Пехчево и истите имаат минимално учество во вкупната актива од 0,02 %.

Вкупните депозити (депозити на комитенти и депозити на банки) достигнаа износ од 145.210,4 милиони денари и бележат зголемување од 1,5 %. Планот е остварен со 99,2%.

Обврските по кредити изнесуваат 1.140,6 милиони денари и се зголемени во однос на декември 2023 година за 30,1 % како резултат на нето-ефектот од нови повлекувања и отплатени доспеани рати од кредитните линии. Истите имаат минимално учество од 0,7% во вкупната пасива на Банката. Во извештајниот период повлечени се средства од кредитните линии: ЕИБ VII преку РБСМ (за трајни обртни средства и инвестиции на МСП, средно-пазарно капитализирани компании и зелена транзиција), ДИГ/ЕЕ/ОИЕ преку РБСМ (за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија) и кредитната линија на Земјоделскиот кредитен дисконтен фонд – ИФАД 2. Планот е остварен со 118,2 %.

Акционерскиот капитал и резервите на Банката со состојба 30.06.2024 година достигнаа износ од 18.780,6 милиони денари и во однос на декември 2023 година бележат зголемување од 4,3 % како резултат на зголемените останати резерви по основ на прераспределба на дел од добивката за 2023 година во износ од 1.377,4 милиони денари, додека во задржана добивка за инвестициски вложувања се распределени 130 милиони денари согласно Одлука за распределба на добивката за 2023 година, донесена од Собранието на акционери на 27.03.2024 година. Планот е реализиран со 98,4 %.

Во однос на очекувањата за претстојниот период, меѓу другото се посочува дека макроекономските услови во кои Банката ќе ја остварува својата активност во текот на 2024 година се условени од домашните политички случувања, како и од сеуште неизвесниот и непредвидлив глобален амбиент и присутните ризици предизвикани од: продолжената војна во Украина и дополнително од воениот конфликт Хамас-Израел, послабиот раст на кинеската економија како втора по големина во светот, рецесијата во Германија како наш најголем трговски партнер, понатамошното затегнување на меѓународните финансиски услови и зголемениот финансиски стрес кај високо задолжените земји.

Ваквиот амбиент создава ризици за економскиот раст, инфлацијата и екстерната позиција.
Се очекува дека банкарскиот систем и натаму ќе обезбедува солидна кредитна поддршка, но малку поумерена, во услови на затегнати монетарни услови, преземени макропрудентни мерки и континуирано зголемување на стапката за противцикличен заштитен слој на капиталот кај банките.

Кредитниот раст во 2024 година би изнесувал околу 6,1 %, додека годишниот раст на депозитите се предвидува да биде околу 7,4 %.

Комерцијална банка ќе ги презема сите неопходни активности за прилагодување кон новонастанатите состојби, при што и во следниот период ќе биде фокусирана пред сѐ на одржување на квалитетот на портфолиото и изнаоѓање флексибилни решенија на барањата на клиентите, ефикасно управување со трошоците, натамошна дигитализација на процесите и модернизација на деловната мрежа, прилагодување на деловните процеси во согласност со барањата на регулативата за платежни услуги и платни системи, како и со регулатувата за финансиски инструменти и обврски за транспарентност за издавачите на хартии од вредност, унапредување на доброто корпоративно управување и на практиките за одржлив развој, имплементација на систем за управување со ризиците од климатски промени и сл, се вели во коментарот на деловните резултати доставен до Берзата.