Комеморација за Kатина Иванова: Ти, матица и кралица за сѐ
Суперлативи за Катина Иванова како голема актерка и човек, на денешната комеморација, по повод нејзината смрт на 72 годишна возраст, минатиот месец. На комеморацијата што ја организира матичната куќа на Иванова- Македонскиот народен театар, режисерката Зоја Бузалковска рече дека една од особеностите со кои Катина Иванова ќе остане врежана во нашата театарска меморија е интонацијата на гласот, која беше одраз на нејзината актерска моќ.
- Една од тие неповторливи, незаменливи интонации, кои несомнено ќе останат реско врежани во меморијата на македонскиот театар, е и онаа на Катина Иванова. Зашто Катина Иванова имаше гласиште. И кога ќе застанеше на сцена, од тоа гласиште избликнуваше неверојатна, незадржлива актерска моќ, рече режисерката Зоја Бузалковска.
- Ти, матица и кралица за сѐ. Способна и вешта , неуморна како пчела која зуи, создава и твори, без разлика дали тоа е на сцена, дали во твојот топол дом, кога доаѓавме и млади и стари, интелектуалци и уметници или бездомници на кои им требаше помош.Па, и незаштитени животни.Ти, секогаш имаше насмевка и топло срце за да ја згрееш сечија тага, истакна актерката и режисерка Ѕвездана Ангеловска.
- Беше толку необична во својата натчовечка едноставност зашто чесно и до крај гласно го артикулираше тоа што го чувствува. Имаше всушност храброст да го каже сето она што повеќето од нас го чуваат себично за себе, рече режисерката Нина Николиќ.