Колку сообраќајот влијае на загадувањето на воздухот во Скопје, ќе знаеме во ноември


Фото: Б. Грданоски

Влијанието на сообраќајот во вкупното загадувањето на воздухот во Скопје, како и персоналната изложеност на луѓето на емисиите од сообраќајните средства, се главен фокус на истражувањето кое го работи експертски тим предводен од проф. д-р Дејан Мираковски, проректор на Универзитет Гоце Делчев – Штип и раководител на одделот АМБИКОН, каде се вршат истражувањата и анализите.

Истражувањето се спроведува во соработка со Центарот за климатски промени, здружение на граѓани кое делува во областа на животната средина. Истражувањето ќе биде завршено во ноември годинава, по што ќе бидат објавени целосните резултати и препораки.

Во рамките на истражувањето ќе биде направена и споредба на податоците за концентрациите на загадувачки супстанци за време на ограниченото движење во рамки на рестриктивните мерки за заштита од ширењето на Ковид-19 вирусот во периодот од март до август годинава, кога имаше намалена фреквенција на сообраќај, со податоците од истиот период претходната 2019та година.

Покрај тоа, истражувањето ќе ја анализира и индивидуалната изложеност на емисиите што произлегуваат од сообраќајните средства од суспендирани цврсти честички при различни начини на движење во сообраќајот, во период вон и во грејната сезона во Скопје.

„Скоро во сите досегашни истражувања сообраќајот се истакнува како еден од позначајните извори на загадување во урбаните средини. Преку ова истражување сакаме да ги утврдиме конкретните влијанија на сообраќајот и да ги споредиме со податоците за квалитетот на воздухот во Скопје кога имало намален сообраќај поради мерките за забрана на движење заради спречување на ширењето на Ковид 19 вирусот. Освен тоа, оваа истражување има за цел да ја утврди директната поврзаност на влијанието од загадувањето предизвикано од сообраќајот врз индивидуалната изложеност на луѓето , а со цел да се предложи адаптација на урбаната опрема и рутите на движење кои ќе овозможат помало влијание врз луѓето во текот на нивните секојдневни активности. Голем број студии ширум светот јасно укажуваат дека правилниот избор на начинот на движење или однесување може да влијае на намалување на изложеноста“, истакна проф. д-р Мираковски.

Во рамките на истражувањето експертскиот тим ќе прибира податоци за структурата и бројот на возилата на територијата на градот Скопје, фреквенција на возила на критични раскрсници во чија близина има мерни станици, како и часовна и дневна концентрација на загадувачките материи од националната мониторинг мрежа. Исто така, ќе се земат предвид и досегашните студии и анализи.

Измерените вредности од истражувањето кои ќе бидат земени во различни временски периоди и услови, а ќе се анализираат и споредуваат со дозволените нивоа на изложеност.

„Сведоци сме на брзо растечки тренд во светот каде што сообраќајот во централното градско подрачје, па и пошироко во градовите, се сведува на минимум за да се намали загадувањето. Тоа е веќе пракса во повеќе градови, а Скопје секоја година, особено во зимскиот период, се соочува со сериозни проблеми, при што сметаме дека сите треба да придонесеме за да се подобри состојбата. Разни извори проценуваат дека емисиите кои потекнуваат од сообраќајот во Скопје учествуваат со 35 % во вкупното загадување, кое е најмногу изразено во близина на главните сообраќајници во однос на мерното место. За да имаме резултат мора да делуваме и да почнеме со реални активности и решенија“, истакнаа од Центарот за климатски промени.