Колку и какви лекари има секоја болница, па и хигиеничари ќе можe да се види на новата веб-страница на МЗ
Нов портал на министерството за здравство ќе нуди информации со многу податоци, за што деновиве биле одржани состаноци со директори на болници, информира денеска новиот министер за здравство, Азир Алиу.
Порталот ќе биде визуелно разбирлив и прилагоден за јавноста, особено за новинарите, и ќе содржи податоци како: број и вид на лекари по болници и клиники, сите достапни здравствени услуги и нивните цени и типови на услуги што ги нуди секоја здравствена установа.
– Степенот до кој сакаме да одиме е толку детален, што ќе дадеме информации и за бројот на хигиеничари во секоја здравствена установа – рече Алиу.
Овој проект се реализира во соработка со Министерството за дигитална трансформација.
– На нашата веб-страница граѓаните ќе можат прецизно да дознаат каде има достапен лекар, какви услуги се нудат и колку чини секоја од нив – додаде Алиу.
Министерот го презентираше и деталниот план за работата на Министерството во неговиот мандат, заснован на 5 главни столба. Планот е структуриран во три фази: краткорочен план за првите 3 месеци, едногодишен акциски план што бара дополнителен кадар и ресурси, и тригодишна стратегија до крајот на мандатот, која ќе вклучи странски институции и процеси на стандардизација.
Како дел од таа стратешка рамка, во Кабинетот на министерот ќе бидат вклучени и експерти од Светската здравствена организација (СЗО), најави Алиу.