Колку чини час работа во Европа? Разликите се големи, од 7 евра во соседството, до 47 на север


Во 2021 година, просечните трошоци за работа на час се проценуваа на 29,1 евра во ЕУ и 32,8 евра во еврозоната, во споредба со 28,6 и 32,4 евра, соодветно, во 2020 година, објави Евростат.

Најмалку во Бугарија, најмногу во Данска

Просечните трошоци за работна сила по час прикриваат значителни јазови меѓу земјите-членки на ЕУ, при што најниски трошоци за работна сила се забележани во Бугарија (7,0 евра) и Романија (8,5 евра), а највисоки во Данска (46,9 евра), Луксембург (43,0 евра) и Белгија (41,6 евра).
Трошоците за работна сила по час во индустријата беа 29,1 евра во ЕУ и 35,1 евра во еврозоната. Во градежништвото, тие беа 26,0 и 29,3 евра соодветно. Во областа на услугите, трошоците за работна сила по час беа 28,8 евра во ЕУ и 31,6 евра во еврозоната. Во т.н. неделовна економија (без јавната администрација), тие беа 30,3 и 33,6 евра соодветно.

Двете главни компоненти на трошоците за работна сила се платите и дневниците и трошоците што не се поврзани со платите (на пр. социјалните придонеси на работодавците). Учеството на ваквите трошоци (што не се поврзани со платите ) во вкупните трошоци за работна сила за целата економија беше 24,6% во ЕУ и 25,1% во еврозоната. Најмал удел на трошоците кои не се однесуваат на заработувачките се регистрирани во Литванија (3,7%), Романија (4,9%) и Ирска (8,7%), а највисоки во Шведска (32,0%), Франција (31,9%) и Италија (28,3%).

Пораст речиси во цела Европа

Во 2021 година, во споредба со 2020 година, трошоците за работа по час на ниво на целата економија изразени во евра се зголемија за 1,7 отсто во ЕУ и за 1,2 отсто во еврозоната.
Во еврозоната, трошоците за работа по час се зголемија во сите земји – членки, освен во Италија (-1,6 отсто) и Шпанија (-0,3 отсто). Најголеми зголемувања се забележани во Литванија (+12,5 отсто), Естонија (+6,5 отсто), Кипар и Словенија (по +6,2 отсто) како и Латвија (+6,1 отсто).
За земјите – членки надвор од еврозоната, трошоците за работа по час изразени во национална валута се зголемија во 2021 година во сите земји, при што најголемите зголемувања се забележани во Бугарија (+9,1 отсто), Полска (+8,2 отсто) и Унгарија (+7,3 отсто). Најмалку се зголемија во Шведска и Хрватска (+3,0 отсто).
Во 2021 година, повеќето земји – членки ја продолжија важноста на шемите за поддршка воведени во 2020 година за да се олесни влијанието на пандемијата на СОВИД-19 врз претпријатијата и вработените. Тие главно се состоеле од краткорочни договори за работа и привремени отпуштања целосно или делумно компензирани од владата. Тие шеми генерално беа евидентирани како субвенции (или даночни олеснувања) со негативен предзнак во компонентата на трошоците за работа која не е заработувачка.