Колективна чистка во СДСМ. Николовски си оди од владата


Љупчо Николовски е првиот министер за кој е се поизвесно дека ќе замине од владата, односно од челното место во Министерството за земјоделство.

Според информациите од вечерашната седница на централниот одбор на СДСМ, Николовски ќе биде нов генерален секретар на партијата, на местото на разрешениот Александар Кирацовски. Со оглед на тоа што статутот на СДСМ не дозволува генералниот секретар да има функција во извршната власт, извесно е дека Николовски ќе треба да го напушти владиниот кабинет на Зоран Заев, за да ѝ се посвети на третата по функција во хиерархијата на владејачката партија.

Освен Кирацовски, вечерва е разрешен целиот извршен одбор на СДСМ, што, според информациите, повлекува и разрешување на другите секретари на партијата – организацискиот Миле Зечевиќ и за меѓународна соработка Дане Талески.

Разрешени се и потпретседателите на партијата – Дамјан Манчевски, Фросина Ременски, Петре Шилегов, Оливер Спасовски, Мухамед Зекири и Благој Бочварски, како и претседателката на Форумот на жени Цветанка Ласкова.Овие позиции, како што се најавува, треба да се пополнат на нова седница на ЦО – на 9 или на 16 јуни. Се очекува тогаш или уште вечерва да биде закажан и постизборниот конгрес на СДСМ, што, според статутот, треба да се одржи најдоцна во почетокот на јули. Тогаш, делегатите треба да се изјаснат за доверба за партискиот лидер Заев, заменик-претседателката Радмила Шекеринска и централниот и надзорниот одбор на партијата, согласно со резултатите од претседателските избори.

Седницата на централниот одбор, која почна околу 18 часот, е се уште во тек и една од темите е исходот од претседателските избори, а се очекува да стане збор и за престојните промени во владата и во државните и јавни претпријатија.