Која е фирмата што ќе копа антимон со парите од САД?
„Пела глобал лимитед“, фирма чиј извршен директор е Николче Јовановски веќе е инсталирана тука во бизнисот во државава поврзан со минералите и енергетиката
Австралијанец со потекло од Македонија е сопственикот на фирмата кој нашата делегација го однесе на стратешкиот дијалог со САД, за да потпише договор за финансиска поддршка во износ од пет милиони долари за истражување критични минерали во Македонија.
Станува збор за Ник Јовановски, извршен директор на „Пела глобал лимитед“, фирма чија главна стратшка цел е наоѓање злато, сребро и антимон во Македонија, која веќе е инсталирана тука и длабоко навлезена во бизнис водите во државава поврзани со минералите и енергетиката.
„Призма“ неодамна објави дека Македонската православна црква – Охридска архиепископија формирала заедничка фирма со „Пела глобал лимитед“ за производство на електрична енергија од обновливи извори, при што влогот на МПЦ бил 20 отсто, а на австралиската компанија 80 отсто. Она што е битно исто така е дека МПЦ не плаќа даноци во државата, а наголемо формира фирми со странски партнери зад кои стои привилегирана релација со актуелната политичка гарнитура.
Според соопштението од Владата, со овој договор во Вашпингтон се отвораат можности за „понатамошни инвестиции, истражувања и технолошки развој во согласност со глобалните трендови за обезбедување алтернативни извори на критични суровини“.
Граѓаните на социјалните мрежи масовно реагираа на веста, обвинувајќи за распродажба на рудните ресурси, со клучно прашање – ако има вредни метали зошто не ги копаме ние, туку им ги даваме на Американците? Од овие информации сега испаѓа дека им ги даваме на Австралијанци со блиски врски со МПЦ, а преку неа и со власта.
Николче (Ник) Јовановски е само еден од директорите на „Пела глобал лимитед“, австралиска фирма која работи на проекти за рударство и обновлива енергија низ Југоисточна Европа. На страницата на „Пела глобал лимитед“ стои дека стратегија на оваа компанија е унапредувањето и развојот на проектот за рестартирање на рудникот за кристалот антимон во Крстов Дол, кај Крива Паланка и проектот за пронаоѓање злато кај кривопаланечко Луке.
Во кратката биографија за Јовановски пишува дека течно говори македонски, член е на дијаспората и клучен за успехот на „Пела глобал лимитед“ како нејзин основач и извршен директор уште од нејзиното основање.

На веб страницата на компанијата пишува дека „Луке КП лежи во рамките на српско-македонскиот масив, клучна геолошка карактеристика на Балканскиот Полуостров што се преклопува со богатиот со минерали Тетиски металоген појас – глобално значајна зона позната по тоа што содржи минерални наоѓалишта од светска класа. Овој регион се протега низ Србија, Северна Македонија, Косово и Албанија и е познат по своите разновидни карпести формации и значителен минерален потенцијал. Во рамките на масивот, различни тектонски единици, како што се Скопската зона и Пчиња-Тополничката зона, покажуваат уникатни структурни и литолошки карактеристики кои се совпаѓаат со трендовите на минерализација забележани во Тетискиот појас. Овие поволни геолошки услови го позиционираа проектот Луке КП како ветувачка можност за истражување и развој во рамките на еден од најперспективните металогени појаси во светот“.
Според проценките на фирмата „производството на концентрат од антимон во Македонија има потенцијал да стане една од најголемите операции за рударство на антимон во светот“.
Рудникот Крстов Дол беше затворен во 1981 година поради ниските цени на антимонот, што сега не е случај. Иако претходно биле извадени приближно 50.000 тони руда, во извештајот се наведува дека има ресурс од 2.916.000 тони, заедно со неистражените паралелни структури.
Потпишувањето на договорот инаку се реализира во рамките на официјалната посета на владината делегација на Соединетите Американски Држави. (Н.В.)