Која е девојката што Бред Пит ја покажа на црвениот килим по Анџелина?
Венеција е познат како еден од најромантичните градови во светот, па не е чудно што актерот Бред Пит (60) за прв пат се појави таму со својата девојка Инес де Рамон (34) на црвениот тепих. Друштво им правеа најдобриот пријател и колега на Бред Џорџ Клуни (63) и неговата сопруга Амал (46).
Тоа беше едно незаборавно двојно излегување за кое сигурно уште долго ќе се зборува, а кое се најде на насловните страници на светските медиуми. Актерите беа таму за да го промовираат нивниот најнов филм „Волци“ и нивните поубави половини дојдоа да ги поддржат. Инес блескаше во бел фустан на едно рамо од Entire Studios, додека нејзиниот убавец го украде шоуто во темен костум на Луј Витон.
Двојката официјално ја потврди својата врска на крајот на 2022 година, се запознаа преку заеднички пријатели, а дизајнерката на накит е првата жена со која холивудскиот миленик започна сериозна врска, по разводот со Анџелина Џоли во 2016 година. Инес зад себе има и пропаднат брак, со колегата на Бред, ѕвездата од „Вампирски дневници“, Пол Весли, со кого се омажи во 2019 година на интимна церемонија, но бракот не траеше долго, па се разведоа три години подоцна.
„Одлуката за разделба е взаемна и се случи пред пет месеци. Тие бараат приватност во овој момент“, изјави тогаш нивниот претставник за медиуми.
Истата година, таа и Бред за прв пат беа фотографирани заедно на концерт на Боно Вокс во Лос Анџелес, каде се дружеа со манекенката Синди Крафорд и нејзиниот сопруг Ранде Гербер, актерот Шон Пен и претприемачката Виви Нева. Странските медиуми тогаш објавија дека актерот ја однел својата нова девојка на премиерата на филмот „Вавилон“, а иако не прошетале заедно на црвениот тепих, таа подоцна му се придружила на афтер забавата.
Инес е по потекло од Њу Џерси, а дипломирала бизнис администрација на Универзитетот во Женева во 2013 година и има сертификат како тренер за нутритивно здравје од Институтот за интегративна исхрана. Според информациите достапни на нејзиниот профил на LinkedIn, од 2020 година таа е шефица на големопродажба на Anita Ko Jewelry во Лос Анџелес, која има славни клиенти меѓу кои и Кортни Кардашијан и Хејли Бибер, а претходно работела во Кристи, во одделот на луксузниот швајцарски накит Де Грисогоно. Течно го зборува францускиот јазик и повеќето нејзини објави на социјалните мрежи се на тој јазик, а добро зборува и германски и италијански.