Кој смее да употребува Македонија?
Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, на седницата за пратенички прашања ги отфрли толкувањата на министерот за правда Бојан Маричиќ дека, откако е влезен во сила Преспанскиот договор, терминот Македонија не смее да се употребува во надворешна и внатрешна комуникација „од сите“, што значи не само државни институции туку и приватни.
-Како правник, можам да кажам дека никаде во Преспанскиот договор не се забранува терминот Македонија да биде употребуван од приватни субјекти. Обврската е да го користат во секој официјален контакт, а не „сите“, тврдеше Апасиев незадоволен од одговорот на министерот.
Според него, само Султан Абдул Хамид Втори издавал вакви наредби , па му порача на Маричиќ дека „терминот Македонија е долга и широка работа“ и подобро да не го чепка. Според неговите информации досега имало 37 барања за употреба на терминот, при што 34 биле прифатени (според негова претпоставка од Рената Рескоска), а три одбиени од новиот министер.
Додека траеше расправата порталот „Република“ објави дека МАНУ не го менува името бидејќи Собранието го отфрлило Предлог-законот за изменување на Законот за Македонската академија на науките и уметностите. Претседателот на Собранието Талат Џаџери ја информирал Академијата дека законот се повлекува на барање на МАНУ.
Набрзо по потпишувањето на Преспанскиот договор Владата им препорача на сите институции да си ги сменат имињата со новото име на државата, но МАНУ го одби, а не успеал ни обидот да се направи тоа преку Собрание, со измени на постоечкиот закон.(Н.В.)