Кој се занесува, а кој завршил со шестки?


Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева се надева дека во текот на овој месец Владата и опозицијата ќе се договорат и конечно ќе го решат статусот на Специјалното јавно обвинителство, кое во овој критичен период е во застој и не покренува обвиненија. Додека двете групи преговараат, Јанева и пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, кој е дел од преговарачкиот тим на опозицијата, си испратија ниски пораки. Јанева не очекува предлог-законот за јавното обвинителство да претрпи измени и се надева дека ќе се надмине отпорот на опозицијата.
„Не може да преговара лице кое веќе има предмет во предистрага и во истрага и дава квалификации за СЈО, за мојата личност или за кое било прашање поврзано со СЈО. Тука мислам на Антонио Милошоски, кој многу се занесува во своите изјави“, рече Јанева.

Милошоски, пак, ѝ возврати дека обвинител не може да биде некој што завршил факултет со шестки.

„Мојот скромен коментар би бил, со толку висока плата ќе беше полезно и за неа и за јавноста да прочита некоја добра книга за да го збогати својот вокабулар, ако веќе е доцна да се поправи нискиот просек од правниот факултет!“, напиша Милошоски на социјалните мрежи.

Професор Никола Тупанчевски, пак, вели дека носењето на законот за јавно обвинителство е еклатантен пример како не треба да се носи закон во Македонија, затоа што е исклучена стручната јавност.

„Треба да постои одредба каде што еднаш засекогаш ќе бидат отстранети толкувањата дали прислушуваните разговори може да претставуваат доказ во кривичната постапка. Се разбира дека законот е ирелевантен, но решението е релевантно, без оглед за кој закон се работи. Ако ве интересира моето мислење, би било подобро тоа да е решено во Законот за кривична постапка“, вели Тупанчевски.

Милошоски е главен осомничен во истрагата на СЈО „Моќник“ и беше на распит во СЈО во октомври минатата година. СЈО ја отвори истрагата против Милошоски, неговиот татко, поранешниот градоначалник на Македонски Брод, и уште 11 лица на 18 март. Во случајот „Моќник“, Милошоски е осомничен дека овозможил по ниски цени да биде распродаден државен имот на негови блиски луѓе.

За иднината на СЈО, со новото законско решение, преговорите кои почнаа уште во март, се одвиваат во Министерството за правда, а претставници на ВМРО-ДПМНЕ се пратеникот Милошоски и адвокатот Тони Менкиноски.

Инспектор во полиција има подобри услови од судија

Ако се бара борба против корупцијата, условите за работа на судиите и обвинителите треба да се подобрат за да има поефективна правда и завршување на процесите, порача Јанева.

„Јас многупати сум кажала кој бил мојот мотив да се пријавам за специјален јавен обвинител. Во една мала општина, од каде што потекнувам, повеќе права имаа инспекторите што се во Општина Гевгелија отколку ние обвинителите и судиите. Имаат возила, имаат буџети, имаат секретарки, имаат дактилографки, имаат добри канцеларии. Судиите и обвинителите немаат ништо од тоа. Тие сами треба да бидат доставувачи, дактилографки, стручни соработници и на крај судии или обвинители. Затоа ги наметнав стандардите во СЈО за кои имав можност“, изјави Јанева.