Кој сѐ си го „стопли“ џебот од битолската „Зимска приказна“

Битолската јавност очекува од Општина Битола транспарентно да ги објави сите учесниците и сумите што ги зеле за учество во „Зимската приказна“


Од прославата на Новата година во Битола

 

БИТОЛА – Новогодишната манифестација на општина Битола насловена „Зимска приказна“ организирана во дворот на обновениот Офицерски дом, еден месец по дочекот на Новата година ја бранува битолската јавност, особено прашањето кој сѐ од власта ќарил од оваа манифестација и дали новата локална самоуправа поддржува непотизам. Во нејзината организација и реализација се споменуваат звучни имиња од јавниот и политичкиот живот во градот, пред се поврзани со владејачката ВМРО ДПМНЕ и независната листа на советници „Поинаку“.

Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, потврдува дека за манифестацијата се потрошени близу 28 илјади евра, што е повеќе од првично предвидените 20 илјади евра, но наводно поради тоа што програмата била проширена.

„За ‘Зимската приказна’ се исплатени 1.707.675 денари, таа ги исполни очекувањата на битолчани и покажа дека во Битола давајќи поддршка на локалната културна сцена неселективно можат да се реализираат културни настани за кои се раскажува со позитивни коментари не само на локално, туку и на централно ниво. За деветдневниот фестивал кој не беше сведен само на едновечерен дочек, го проширивме првично предвидениот буџет, реализиравме програма во која беа прифатени сите доставени апликации и апликанти за да им се даде еднаква можност на сите, а културната сцена на Битола повторно да заживее“, рече Коњановски.

Опозицијата обвинува дека Офицерскиот дом, кој ВМРО-ДПМНЕ го третираше како приватен имот и сакаше да го продава, а СДСМ го обнови, по доаѓањето на новата локална власт повторно станува синоним за нивното разбојништво, недомаќинско и неодговорно однесување, односно Офицерски станува параван за печалење на пари на блиските на фамилиите на ВМРО-ДПМНЕ и „Поинаку“ претворени во настан наречен „Зимска приказна“.

„Од која ставка на буџетот се исплаќани парите? Дали е вистина дека со новогодишната приказна се офајдија советникот Иван Чулакоски (‘Поинаку’) со сума од 100.000 денари за изработка на новогодишното платно? И која е сумата што ја заработија братот на советникот Марко Јосифовски (ВМРО-ДПМНЕ), сопругата на наводниот секретар Борче Димитровски и братот на советникот Алмир Адемовски (‘Поинаку’)“, рече советничката од СДСМ, Захариевска-Ралевска отворајќи ги и прашањата кои се критериумите по кои е избрана фирмата организатор на настанот? По колку пари им е наплатено на изнајмувачите на куќарките кои беа дел од настанот во дворот на Офицерски?

Советничката Захариевска-Ралевска, меѓу другото, побара Советот да обезбеди финансиски извештај за потрошените средства за „Зимската приказна“ кои се зголемија за половина милион денари од предвиденото.

На ваквите обвинувања, Општина Битола, како организатор на „Зимска приказна“, за „Независен“ даде одговор во кој стои дека дека општината нема склучено договор со економски оператори чии овластени претставници се советниците Иван Чулакоски од „Поинаку“ или Марко Јосифовски од ВМРО ДПМНЕ, ниту каков било друг договор со тие лица, а не е склучен ниту авторски договор со изведувачот Јасна Димитровска, која е сопруга на Борче Димитровски, вработен во Општина Битола и еден од најблиски соработници на градоначалникот Коњановски.

„За концерт на Битолскиот дувачки оркестар на 27 декември, Општина Битола има склучено договор во вредност од 100.000 денари со Здружение за афирмација на музичката уметност ‘Бит Арт’, претставувано од диригентот Марјан Бакревски, каде беа вклучени и 15 музичари – изведувачи, како дел од оркестарот. На покана на Битолскиот дувачки оркестар, како гостин на нивниот концерт, настапи и вокалот Јасна Димитровска како нивна долгогодишна соработничка на музичката сцена, со која во изминатиот период реализирале повеќе концертни настапи. Од архивскиот материјал кој е јавно достапен, може да се потврди, дека двочасовниот концерт на 17- те музички уметници на новогодишната бина, беше посетен од голем број граѓани, создавајќи прекрасна атмосфера и незаборавна концертна вечер пред Офицерскиот дом, стои во одговорот на Општина Битола за „Независен“.

На вчерашната седница на Совет претседателката на Битолскиот совет Габриела Илиевска од независната листа „Поинаку“ ѝ порача на опозицијата да не пласираат селективни информации за учесниците на настанот, туку да ги објават сите што биле дел од него, што остави впечаток дека има и други учесници кои се поврзани со политичари што учествувале во „Зимската приказна“.

Градоначалникот на Битола, Коњановски, за дочекот на 2023, ќе направи уште поголема манифестација.

„Оваа година ќе направиме уште поголема манифестација, повторно сите оние кои нешто значат во културата, без селективност ќе бидат поканети да придонесат и Битола да ја направиме центар како што доликува. Градот го посетија колку битолчани толку и од останатите места од Прилеп, Новаци, Могила, Демир Хисар, Ресен“, рече Коњановски.

Она што битолската јавност го очекува од Општина Битола е транспарентно да ги објави сите учесниците и сумите што ги зеле за учество во „Зимската приказна“.