Кој сѐ доделувал концесии за „Иловица“?

Долга приказна за рудниците во Струмичко: концесијата била одобрена од владата на чие чело беше Владо Бучковски. Но одлуките за експлоатација биле донесени во 2012 и 2015. На првата е потпишан тогашниот вицепремиер Зоран Ставрески, а на втората Никола Груевски


Документите со предлогот за спојување на концесиите за рудникот „Иловица“ навреме биле доставени до Владата и министрите имале време да се запознаат со нивната содржина, тврдат извори од Министерството за економија. Од таму велат дека наредната недела за кога е закажано „сослушувањето“ на министерот Крешник Бектеши, нема потреба да се доставуваат одново документите, бидејќи тие се веќе во системот на е-влада, туку единствено ќе бидат приложени придружни документи со кои што ќе се прикаже хронологијата на целиот овој спорен проект против кој се кренаа граѓаните во општините Струмица, Босилово и Ново Село. Овој случај има потенцијал и да ги наруши односите во владината коалиција, особено откако министри од редовите на СДСМ изјавија дека практично биле фатено „на брзина“ и дека предлогот бил ставен дополнително на седница на Влада, како и дека немале време да ги прегледаат документите.

Се тврди и дека одлуката со која што се споија двете концесии за рудникот „Иловица“, всушност ќе спречело да се поведе постапка за арбитража против државата, како и дека одлуката по автоматизам не значи добивање дозвола за експлоатација на наоѓалиштето за бакар и злато. Дополнително, со спојувањето на концесиите, всушност се скратува рокот на кој што се однесува едната од концесиите.

Исто така, како што се тврди, добивањето евентуално дозвола за ископ на минерални суровини, што е различно од добивање концесија за експлоатација, ќе се врши по новиот Закон за минерални суровини, во кој се предвидени многубројни елаборати и документи пред добивањето зелено светло за такви активности.

Во членот 55 од Законот за минерални суровини кој што се однесува на барањето за издавање на дозвола за експлоатација, меѓу другото се предвидува доказ за решени имотноправни односи во делот на земјиштето на кое ќе се врши експлоатација на минерални суровини (што во случајот уште не е решено), потоа геодетски елаборат, главен рударски проект за експлоатација на минералните суровини кои се предмет на концесијата заедно со ревизија (стручна) оцена на истиот,- решение за одобрување на студијата за оцена на влијанието врз животната средина или решение за одобрување на елаборатот за оцена на влијанието врз животната средина, план за управување со отпад, потврда за финансиска гаранција за покривање на трошоците за елиминирање на штетните ефекти по животната средина, сообраќајна согласност за приклучок за јавен пат, дозвола за користење на вода и/или дозвола за испуштање на вода и тн.

Многу од овие документи се во надлежност на други министерства, па така Министерството за економија не е единствено од кое што зависи дали некој од концесионерите ќе добие дозвола за експлоатација или пак не.

Но, каква е хронологијата на настаните во врска со рудникот „Иловица“ и доделувањето на две концесии за истражување, а потоа и експлоатација?

Треба да се има предвид дека наоѓалиштето коешто сега е предмет на интерес за експлоатација всушност се состои од два дела, при што за едното од нив, или првата концесија, барањето за детални геолошки истражувања било поднесено во 2005 година (на 27 октомври), а концесијата била одобрена од владата на чело со тогашниот премиер Владо Бучковски.

На одобрувањето за детални геолошки истражувања, претходеле повеќе позитивни мислења кои биле доставени од министерствата за животна средина, за земјоделство и други институции. Подоцна, во 2011 година врз основа на наодите од истражувања било поднесено барање за експлоатација на минерални суровини од истото наоѓалиште, за што биле приложени и повеќе документи, како студија за влијанието врз животната средина, за заштита на водите и тн, сите биле позитивни и потпишани од тогашните министри и директори на државни институции. (Љупчо Димовски, Миле Јанакиески, Паско Кузман и други), како и од тогашниот градоначалник и од претседателот на Советот на Општина Босилово на чија територија е наоѓалиштето.

На 16 јуни 2012 година била донесена одлука на седница на Влада за концесија за експлоатација на минерална суровина рудник на бакар и злато на друштвото за производство промет и услуги „ФЕЛПС ДОЏ Вардар“ ДООЕЛ Босилово, потпишана од тогашниот вицепремиер Зоран Ставрески и која била објавена во „Службен весник“ на 28 истиот месец. Соговорниците велат дека станува збор за фирма која ја испитувала почвата за „Еуромак ресорсис“. 

Откако добиле договор за експлоатација, што е различно од договор за геолошки истражувања, согласно законот, концесионерот доставува барање за издавање дозвола за експлоатација што било сторено на 22 јули 2016 година, а по побараното дополнување на барањето, тоа било доставено на 03.02 2017 година.

Но, и двете барања, како што тврдат соговорниците, не биле комплетни и поради тоа во 2019 година (тогаш министер за економија е веќе Бектеши) биле одбиени по што била донесена одлука за раскинување на договорот која била прифатена на седница на влада на 16 декември 2019 година со што бил раскинат договорот за концесија.

Потоа, носителот на концесијата се жалел до Управен суд.

Паралелно со оваа помала концесија, во 2009 година биле иницирани геолошки истражувања на друго наоѓалиште веднаш до првото од страна на истата фирма („ФЕЛПС ДОЏ Вардар“ ДООЕЛ), за што исто така имало позитивни мислења од министерствата за животна средина, за земјоделство, транспорт и врски други (кога министри биле Михаил Цветков, Владо Мисајловски), како и од општините градоначалниците и советите на Босилово и Ново Село.

Одлуката за доделување концесија за експлоатација на минерална суровина бакар и злато, била потпишана на 29 декември 2015 година од страна на тогашниот премиер Никола Груевски (интересно е дека Груевски, преку објава на Фејсбук тврдеше деновиве дека тие имале доделено концесија за истражување, а не и за експлоатација).

За двете постапки, онаа за истражување и за експлоатација, одлука носи владата врз основа на претходно доставени мислења од надлежните институции. Всушност, како што појаснуваат соговорниците, ова не е дозвола за експлоатација туку договор за концесија за експлоатација. 

На 5 ноември 2019 година „Еуромакс“ доставил барање за дозвола за експлоатација за втората концесија, но барањето било оценето дека е некомплетно.

Во однос на спојувањето на концесиите, соговорниците велат дека такво барање е во согласност со Законот за минерални сурови и првото било доставено уште во 2016 година. Притоа бил извршен теренски увид од страна на Министерството за економија од 5 февруари 2016 година при што било констатирано дека може да продолжи постапката за спојување на концесиите, за што има записник.

Но, поради изборите во 2016 година, кога владата не може да носи одлуки за минерални суровини, такво нешто не било направено, па постапката практично е продолжена по изборите.

Тоа било сторено во 2018 година при што предлогот на Министерството за економија бил да се спојат двете концесии. Исто такво барање имало и во 2019 година (за спојување на концесиите) ни тогаш, како и претходниот пат, од страна на Владата не била донесена одлука ниту за прифаќање ниту за одбивање.

Всушност, како што објаснуваат соговорниците, најновата одлука со која се споиле концесиите е од третиот предлог, за што било решено на владината седница на 27 јуни годинава, по што на површина излегоа многу контроверзии.

Според соговорниците, доколку не било постапено на начинот на кој што постапиле, Министерството за економија практично би го прекршило законот.

Дилемата зошто сега повторно е побарано спојување на двете концесии, иако првата практично е раскината, односно непостоечка, според соговорниците произлегува од одлуката на Управниот суд со која на „Еуромакс“ им била вратена концесијата за првото наоѓалиште, по што концесионерот веднаш доставил барање за спојување на двете концесии.

„Уште 100 пати да се случи истото, како Министерство за економија ќе го доставиме истиот предлог бидејќи мора да го почитуваме член 61 од Законот за минерални суровини. Ако го направевме спротивното, Министерството ќе го прекршеше законот. А на Владата е да прифати или да го одбие предлогот“, изјави денеска министерот за економија Крешник Бектеши на брифинг со новинарите. 

Според ова толкување, со ова „Еуромакс“ нема можност да покрене постапка за арбитража, која би можела да ја чини државата стотици милиони евра, доколку се пресуди во полза на концесионерот. И се нагласува дека стравот оти концесионерот со ова ќе може да почне со експлоатација е неоправдан, бидејќи постапката за добивање дозвола за ископ е долготрајна и бара исполнување на многу предуслови.

Инаку, концесијата за првото наоѓалиште се однесува на период до 2042 година, а на второто до 2046 година. Со спојувањето, на двете концесии периодот се однесува до 2042 година.

Според Законот за минерални суровини, одбивање на барањето за издавање на дозвола за експлоатација може да се направи ако барањето за издавање на дозвола за експлоатација не е поднесено во рок и барањето не ја содржи бараната документација.