Кој победи а кој изгуби на вчерашните избори?


Изборите за градоначалници во Маврово Ростуше и Центар Жупа, како и за советници во Тетово  не се најсоодветен тест за расположението на гласачите во државата, но и покрај тоа се повод двете водечки партии во државата да докажуваат – кој победил а кој изгубил вчера. Според СДСМ ВМРО-ДПМНЕ доживеа голем пораз бидејќи тие добија два градоначалника плус, додека според опозициската партија тие извојувале двојна победа во Тетово – бидејќи освоија 3.332 гласа ичетири мандати, наспроти  СДСМ кои освоија два мандата со 1.953 гласа.

-Голем пораз доживеа ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски на првото изборно соочување со СДСМ, откако на чело на владечката партија е Димитар Ковачевски.Со двојната победа на изборите за градоначалник на општините Маврово Ростуше и Центар Жупа на коалицијата предводена од СДСМ граѓаните застанаа зад исправните, вистинските политики, кои ја водат државата напред. Граѓаните со големо мнозинство застанаа зад концептот кој создава напредно и развиено општество, европски вредности и европска иднина и истовремено го поразија ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски.Гр аѓаните јасно порачаа дека не веруваат на лагите и манипулациите на ВМРО-ДПМНЕ, дека им е доста од деструктивноста и лицемерието на Христијан Мицкоски и неговите пулени од Белата палата.Мицкоски е поразен на првото изборно соочување со Ковачевски и повторно ќе биде поразуван од граѓаните, порачаа од СДСМ.

Од опозицијата веднаш возвратија.

-Двојна победа во Тетово, Ковачевски да си даде оставка, предвремени избори веднаш.ВМРО-ДПМНЕ го победи СДСМ, а БЕСА ја победи ДУИ во Тетово.Владејачката коалиција нема никаков легитимитет да продолжи да ја води државата.Народот јасно кажа дека СДСМ и ДУИ се минато.Очекуваме Ковачевски да го признае поразот и да си поднесе оставка веднаш. Само предвремени парламентарни избори се решение. СДСМ и ДУИ владеат без поддршка од народот, и работат само за себе и своите криминални дилови.Ковачевски веднаш да си даде оставка. Секој ден поминат на власт, ќе биде илјадници гласа минус за него на наредните избори. Народот е јасен, Ковачевски нема легитимитет, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ. 
Само ДУИ вчера излезе и го призна поразот во Тетово.