Кој ќе профитира најмногу на пазарот на дизел од новите санкции против Русија


Новите европски санкции против Русија повторно ќе го преуредат светскиот пазар на дизел, со повисоки цени и можни победници во Персискиот Залив, според анализата на колумнистот на Ројтерс, Рон Бусо.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, најави бран царини во април, поттикнувајќи стравувања дека светската економија нагло ќе забави. Сепак, овој страв се покажа како неоснован, бидејќи Трамп во меѓувреме се откажа од своите закани и започна преговори.

Пазарот на дизел има репутација на сигурен индикатор за економската активност бидејќи се користи во камионскиот превоз, земјоделската механизација и индустријата и производството на електрична енергија.

Во Европа, дури една четвртина од автомобилите го користат како гориво, значително повеќе отколку во другите делови од светот.

Американската побарувачка за дизел е приближно пет проценти поголема оваа година отколку минатата година, мерено според четиринеделниот просек и, според Министерството за енергетика, изнесува 3,8 милиони барели дневно.

Потрошувачката на дизел во Индија беше за 2,1 процент повисока во мај отколку минатата година, а побарувачката од Кина беше исто така силна во јуни, судејќи според темпото на преработка во рафинериите.

Податоците покажуваат дека глобалната економија не е ни приближно толку слаба како што многумина предвидуваа кога американскиот претседател најави бран царини, заклучува колумнистот на Ројтерс.

Нови компликации

Залихите на дизел обично растат на северната хемисфера во текот на летото, бидејќи рафинериите ја зголемуваат преработката за да ја задоволат побарувачката, но во моментов се околу 20 проценти под нивниот 10-годишен просек во САД, Европа и Сингапур, што ги зголеми маржите на рафинериите.

Нивниот слаб раст може да се припише, заедно со флуктуациите во побарувачката, на иранскиот напад врз рафинеријата во Хаифа, Израел, која преработуваше 197.000 барели нафта дневно, и затворањето на фабриката во Велика Британија поради банкрот.

Производството беше дополнително ограничено од недостатокот на „тешка“ и „средно тешка“ нафта поради санкциите на САД врз венецуелската нафта, пожарите во Канада и намалениот извоз на ОПЕК.

Снабдувањето со дизел беше дополнително комплицирано минатата недела со новиот пакет санкции на ЕУ против Русија.

Брисел сака да ги ограничи приходите на Русија од нафта со санкции, а 18-тиот пакет казнени мерки вклучува забрана за увоз на нафтени деривати произведени од руска нафта. Забраната веројатно ќе стапи на сила следната година,.

Веднаш по усвојувањето на пакетот, дизелот со ниска содржина на сулфур беше дури 27,70 долари поскап од нафтата во фјучерсни договори на лондонскиот пазар.

Зголемувањето на цената сигнализира стравувања на пазарот дека Европа ќе остане без дизелот што го набавуваше од Индија, објасни Јанив Шах од „Ристад енерџи“.

Победник Персиски Залив?

Во 2021 година, уделот на Русија во европскиот увоз на дизел беше 40 проценти, а ЕУ покриваше речиси една четвртина од својата потрошувачка со увоз од Русија.

За да го реши проблемот со недостигот по забраната во 2023 година, ЕУ почна да увезува повеќе дизел од Кина, Индија и Турција, што пак значително го зголеми увозот на евтина нафта од Русија паралелно.

Ова значи дека Европа де факто купувала деривати произведени од руска нафта.

Во 2024 година, Европа набавувала 16 проценти од дизелот и керозинот од Индија, а сега го забранила увозот на овие производи, доколку руската нафта се користи како суровина. Индиските рафинерии минатата година увезле дури 38 проценти од нафтата од Русија, според податоците на Кплер.

Турските рафинерии исто така увезуваат руска нафта, но првенствено за производство на гориво за домашниот пазар. Производите наменети за европскиот пазар главно се преработуваат од нафта од други земји.

Од почетокот на годината, ЕУ увезувала околу 479.000 барели гориво дневно од Индија и Турција, претежно тежок и лесен дизел, керозин и мазут, според податоците на Кплер.

Во таква ситуација, главните победници веројатно ќе бидат земјите од Персискиот Залив, бидејќи ЕУ ги ослободи нето извозниците на сурова нафта од забраната, дури и ако увезуваат руска нафта. Ова би им овозможило на рафинериите во Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и Кувајт да го зголемат извозот во Европа и да украдат дел од пазарниот удел од индиската конкуренција.