Кој ќе нè чува од чуварите?

НИКОЛА ДУЈОВСКИ

Реформите на безбедносниот сектор, поттикнати од незаконското следење на комуникациите и политичките консеквенции, кои предизвикаа и вонредни парламентарни избори, треба да ја отсликаат општествената реалност и да овозможат простор за развој на сите останати државни сектори. За високото реално влијание врз општеството, кое го имаат овие служби, говори и фактот што остатоците од режимот, долг период, успеваа да го попречат формирањето на новата влада, што кулминираше со извршување на едно од најтешките кривични дела, на 27 април 2017 година.

Веднаш по преземањето на власта од оваа влада, беше формирана работна група од истакнати професионалци, универзитетски професори, претставници од НВО-секторот, во работата се вклучија и претставници на меѓународната заедница, а имаше и опсежна јавна расправа за овој сет закони. Така, подготвени се законите кои го регулираат следењето на комуникациите и формирањето на новата Оперативно-техничка агенција (ОТА), која стана оперативна на 1 ноември 2018 година. Покрај тоа, беа донесени и Законот за следење на комуникациите, како и измени и дополнувања на Законот за полиција и за внатрешни работи, за да се усогласат со одредбите на многуте измени на разни закони.

Првичните информации за интегритетот на ОТА ги релаксираа односите меѓу различните институции, а со време, ќе ја врати довербата на граѓаните во системот. Стручната јавност, во најголема мера, е уверена дека незаконско следење на комуникациите – барем од страна на државните органи – не постои, но останува отворено прашањето дали некој друг, надвор од државните органи, поседува таква опрема и ги следи комуникациите. Не постојат информации дека државните органи преземаа сериозни мерки за да откријат дали и на кој начин некој друг сè уште ги прислушува граѓаните.

Втората „голема“ реформа е реформата на Управата за безбедност и контраразузнавање. Законот за Агенција за национална безбедност и Законот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница беа донесени во договор, со повеќе од 90 пратеници. Така, АНБ ќе биде надвор од МВР, ќе нема полициски овластувања и ќе биде под будна контрола на парламентот, граѓанскиот сектор и Омбудсманот. АНБ е „ослободена“ од лишувањето од слобода или давањето налози и насоки за преземање полициски овластувања, а наместо тоа, тие ќе следат, анализираат и предлагаат мерки за безбедноста на државата, во координација со другите безбедносни институции.

Дел од јавноста го потенцира влијанието на Владата, односно премиерот, во предлагањето и изборот на директорот на АНБ и другите безбедносни служби, и миноризацијата на претседателот на државата во областа на безбедноста, иако законот донесува многу контролни механизми.

Третата „реформа“ со однесува на реформата на јавната безбедност. Во овој сегмент има сериозни поместувања напред, особено во делот на организацијата на полицијата и координацијата со другите служби при справување со посериозни безбедносни предизвици, организацијата и спроведувањето на изборите итн.

Сепак, сè уште не може да се каже дека во МВР се изградени објективни процедури за полициското постапување, кои нема да бидат подложни на политички или други влијанија, посебно со дела поврзани со изборите.

Останатите безбедносни служби сè уште се во процес на скенирање на нивната функционалност и оперативност, како што е случајот со Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување и наскоро се очекуваат посебни закони.

Колку и да го реформираме безбедносниот сектор, резултатите ќе бидат бледи и привремени, доколку не започне вистинската борба против криминалот. Споменатите реформи одат добро, но тие нема сериозно да ја зајакнат довербата во системот. До денес не видовме посериозна борба против економскиот криминал и против финансиските злоупотреби од сегашните и претходните функционери. „Културата на незаконити услуги“ продолжи да биде практика и на новата власт, а со тоа, „во игра“ остануваат луѓето за кои постојат индиции за сериозни кривични дела.

Светла точка во овој поглед е Државната комисија за спречување на корупцијата, која, засега, се покажува како неселективна во постапувањето и соодветно ги исполнува своите законски овластувања, но без соодветна соработка и постапување на другите државни органи, ваквата активност може многу бргу да биде умртвена. Акцентот во наредниот период треба да биде ставен на посериозната координација помеѓу Јавното обвинителство и полициските служби, во процесирањето на делата за кои лесно може да се најдат докази и на кои ДКСК укажува.

Особено значаен чекор ќе биде долгонајавуваниот „ветинг“ на вработените во безбедносниот сектор и мора да се однесува не само на нововработените, туку треба да ги опфати сите активни во службите. Неразумно долго се очекува концептуалното дефинирање на ова прашање иако е ова многу сериозен процес, кој може да има силни импликации. Крајно време е да го поставиме прашањето „Кој ќе нè чува од чуварите?“

Останува непобитен фактот дека граѓаните очекуваа многу повеќе од борбата со криминалот и заштитата на државниот буџет, но нема позначајни резултати, ниту од редовното обвинителство, ниту од СЈО.

Ако сакаме да зборуваме за стабилен безбедносен сектор, тоа никако не може да подразбере само законски промени и следење на комуникациите. Многу повеќе, таквите реформи треба да воведат отпорност на институциите на политички или бизнис-влијанија. Тоа ќе овозможи градење на целиот систем и подготовка на државата за преговорите за членство во Европската Унија.

За жал, барем засега, во Република Северна Македонија, тоа не е направено.

 

(Авторот е декан на Факултетот за безбедност, а колумната е дел од проектот „Детски болести на демократијата“, поддржан и финансиран од НЕД, а во имплементација на АГТИС.