Кој ќе летува бесплатно на Родос


Атина- Откако грчкиот премиер Киријакос Мицотакис најави дека земјата ќе обезбеди бесплатен седумдневен одмор за оние кои мораа да го скратат одморот поради пожарот на Родос, многумина го поздравија овој гест од една од најпосетуваните туристички земји. Како што е соопштено, грчката влада иницирала серија разговори со заинтересираните страни, вклучително и туроператори, туристички агенции, хотелиери и авиокомпании со цел да се соберат податоци за бројот на заинтересирани патници.

„Засега се подготвува платформа на која ќе можат да аплицираат, но засега ги собираме сите потребни информации за да го утврдиме бројот и потребите на потенцијалните корисници кои ќе добијат бесплатен одмор“, се вели во информацијата oод службата на Владата на Грција.

Има најмногу Британци, повеќе од 13.000, потоа Германци, Полјаците и туристи од другите западноевропски земји, кои се и најбројни гости на овој остров.

Родос, четвртиот по големина грчки остров, неодамна беше зафатен од пожари што доведоа до најголемата регистрирана евакуација на туристи. Над 20.000 гости, главно од Западна Европа, беа евакуирани по копно и море во тие десет дена. На островот Родос живеат околу 100.000 жители, а само минатата година во текот на летната сезона ова место беше домаќин на два ипол милиони туристи.

Овој потег на грчката влада не е изненадувачки, особено ако се знае дека Родос е една од најпопуларните дестинации во оваа земја, особено меѓу британските, француските и германските туристи. Инаку, причината што повеќето од тие луѓе веднаш беа евакуирани од островот е што имаат такви осигурувања кои покриваат и природни катастрофи и терористички напади. Во итни ситуации, полисите веднаш се активираат, што подразбира дека е најбезбедно патниците веднаш да се вратат од нивната дестинација. Секако, станува збор и за финансиски ризик, бидејќи на осигурениците им е поисплатливо да ги испраќаат своите авиони и да враќаат туристи отколку да платат милионска отштета во случај на некои непредвидени околности. Како и да е, Британците, но и туристите од другите европски земји кои го прекинаа одморот следната година, ќе уживаат во морето на сметка на Грција. Веројатно во претсезоната, како што се претпоставува, но судејќи по високите температури, крајот на пролетта и почетокот на летото би можеле да бидат идеално време за одмор. Особено кога е бесплатно.