Кој ќе ја замени Данела Арсовска?


Фото: Б. Грданоски

Партиите активно бараат кандидати со кои ќе настапат на локалните избори. Во ВМРО-ДПМНЕ се уверени во победа за Град Скопје, а според изворите оттаму, поранешниот градоначалник Коце Трајановски високо котирал на внатрепартиските анкети за можен кандидат.

Па така, најверојатно и тој ќе се вклучи во трката за кандидатура, покрај актуелниот министер за локална самоуправа Златко Перински и градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.  Според изворите, до крајот на мај ќе бидат познати скоро 90 проценти од кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ, а за името за Град Скопје ќе се почека, до јули или пак август.

Далеку од официјализирање на кандидат за Скопје се и социјалдемократите.

Таму во игра се професорот од Архитектонскиот факултет, Мишко Ралев, како е екс-директорот на Зоолошката градина, Ѓорѓи Галетановски. Сепак, според извори од СДСМ, ќе се почека до одлуката, зашто ќе се разгледуваат и можностите за настап со натпартиски кандидат во главниот град. Скоро сите актуелни градоначалници повторно ќе бидат кандидати, меѓу кои и Горан Герасимовски во Центар, но единствено се чека да биде решено кој ќе трча во Струмица, но и Дојран. Во Струмица, најголема поддршка кај членството имал Костадин Костадинов.

Допрва ќе се утврдува кандидатот за Кисела Вода, Аеродром, но и Карпош. Во Ѓорче Петров најверојатно тоа ќе биде поранешниот директор на претпријатието „Улици и патишта“, Костадин Ацевски, додека пак во Бутел поддршка ќе ја бара претходниот градоначалник Велимир Смилевски.

За локалните избори активно се подготвува и партијата на кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски. Од Движењето ЗНАМ потврдија дека ќе настапат со самостојни советнички листи.

Изборите се очекува да бидат закажани за првата половина на октомври.