Кој губи, а кој добива со унгарскиот кредит за компаниите
И сега некои фирми добиваат кредити со пониска камата од 3,25 отсто, колку што компаниите што ќе го користат унгарскиот кредит ќе им плаќаат на банките
Компаниите кои што ќе сакаат да инвестираат во опрема или во објекти со позајмување средства од кредитната линија од унгарската Експорт импорт банка што ја обезбеди Владата, „тешка“ 250 милиони евра, ќе им плаќаат на банките во Македонија камата од 3,25 отсто. Ова, како што појаснуваат од Министерството за финансии ќе биде единствениот трошок што ќе го имаат компаниите за овие кредити. Од банките велат дека работата е 99,9 отсто готова, откако тие не го прифатија предлогот на Владата ставен на маса на состанокот одржан пред две недели, да го споделат товарот, што ќе им овозможеше на фирмите да добиваат кредити со двојно помала камата.
Но, ова не е единствената цена за унгарскиот кредит. Други 3,25 отсто ќе плаќа државата кон унгарската Експорт импорт банка, а овој трошок ќе падне на товар на државниот буџет, односно на даночните обврзници, граѓаните и фирмите, кои што ја полнат државната каса. Што значи дека трошокот на ниво на целото општество е двојно поголем.
Останува отворено прашањето за рокот на отплата на кредитите – Владата инстистира на 15 години со вклучен грејс период од три години, а повеќето банки имаат интерни политики кредитите да ги одобруваат најмногу на седум до десет години.
Ова е накусо состојбата со најавуваната поддршка за стопанските субјекти, откако изминатите неколку дена во јавноста се појавија разни толкувања за тоа што субвенционира Владата и колку всушност ќе треба да плаќаат фирмите, односно дали и тој трошок ќе го покрие државата.
Иако банкарите велат дека работата е 99,9 отсто готова, изјавите на премиерот Христијан Мицкоски отвораат простор за толкување дека Владата сѐ уште не се откажала од идејата дел од товарот да им го префрли на банките.
Мицкоски во саботата изјави дека преговорите со банките уште не се завршени и очекува да се доближат уште повеќе ставовите.
Разочарувањето на премиерот
„Нашиот став е дека под истите услови сакаме тие 250 милиони да ги дадеме на бизнисот, за да може тој да се развива, односно 3,25 проценти каматна стапка, три години грејс период и дополнителни 12 години рок на отплата, вкупно 15 години“, рече премиерот Мицкоски.
Мицкоски кажа дека не може да го скрие неговото разочарување, бидејќи очекувал сите заедно да работат за интересот на државата и на граѓаните и секој да понесе дел од одговорноста.
„Не очекував дека можеби така од другата страна ќе се потпреме на ризик повеќе, дека тие сепак сносат ризик, што е факт, нема дилема дека банките сносат ризик, но исто така и државата сноси ризик и граѓаните. Мораме заедно да го поделиме тој ризик, тоа беше суштината“, изјави Мицкоски додавајќи дека очекувал сите заедно да работат за интересот и на државата и на граѓаните и секој да понесе дел од одговорноста.
„Не очекувам некој да биде алтруист, не очекував дека банките ќе бидат алтруисти, но исто така не очекував дека ќе се доведеме до една ваква ситуација. Но, тоа е што е, ние треба да се подготвиме и да го помогнеме бизнисот, бизнис околината треба да биде што е можно поздрава“, рече Мицкоски.
Претходно, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, на брифинг со новинари рече дека прашањето на каматите е затворено, односно дека фирмите ќе треба да им плаќаат на банките 3,25 отсто, со тоа што банките врз себе го преземаат ризикот доколку некој од кредитите пропадне и не се врати, тоа да падне на нивен товар, а државата ќе го субвенционира делот што треба да се плати кон унгарската Експорт импорт банка.
Според неа, поентата е во рокот на отплата и тоа прашање сѐ уште е отворено.
За Владата од исклучително значење е банките да ги одобруваат кредитите од унгарската кредитна линија со рок на враќање од 15 години во кои е вклучен и грејс период од три години кога обврската мирува, односно фирмите нема да плаќаат ништо кон банките.
„Го дискутираме ова со банките бидејќи нашата цел за овие кредити беше периодот на отплата. Не се работи за ништо друго“, вели Димитриеска-Кочоска додавајќи дека Владата сака на овој начин да ги охрабри фирмите да инвестираат.
„Сѐ што ќе остане кај нив од тие заработки, ќе имаат простор повторно да го вратат во бизнисот и да го инвестираат“, вели министерката за финансии.
Проблемот е во рокот на отплата
Но, проблемот кај банките е во нивните кредитни политики според кои рокот на отплата е најмногу седум до десет години. Дел од банките со кои што контактиравме велат дека тоа прашање може да се надмине, односно подготвени се да излезат во пресрет на Владата. Но, дел од нив, претежно оние со странски капитал, оставаат малку можности за такво нешто, бидејќи целата постапка на менување на нивните интерни процедури е прилично сложена, одзема време и не се прави преку ноќ, а уште повеќе прашање е дали банките мајки ќе имаат разбирање за ваквото барање.
Банкарската логика е дека ако некоја фирма којашто користи кредит не може да го отплати за седум до десет години, не вреди ниту да добие средства од банката. Банкарите додаваат уште еден аргумент, а тоа е амортизацијата на купената опрема, која сигурно ќе заврши пред да поминат 15 години колку што бараат од Владата.
Од Министерството за финансии пак, велат дека нивната намера за рокот на враќање е да се охрабрат фирмите што повеќе да инвестираат, особено оние на кои постојните услови кај банките ги сметаат за неповолни.
„Суштината беше банкарскиот сектор да ги пласира средствата под исти услови. Каматната стапка не игра толку многу улога затоа што банките, тоа е точно, имаат дури и пониски камати за некои фирми, иако тие не се многу. Ние им помагаме на другите фирми што добиваат повиски камати“, рече на брифингот Димитриеска-Кочоска, додавајќи дека „поентата е во рокот на отплата“.
„Банките велат дека ако проектот е неисплатлив на 10 години џабе е сѐ. Ние викаме не, проектот не е неисплатлив, туку суштината е дека кога некој ќе влезе во инвестиција, ако им кажете дека за седум години, хипотетички, треба да враќа по 50 илјади евра годишно, можеби ќе е исплашен и нема да знае како ќе е во првите години. Но, ако им кажете на фирмите дека наместо седум добиваат на 15 години и дека годишно ќе плаќаат на пример, до 20 илјади евра, ќе бидат похрабри во одлуката за инвестирање“, уверува министерката за финансии.
Таа очекува униформен став од банките бидејќи, како што вели, не би било коректно за едни фирми рокот на отплата да биде 15 години, а за други да биде пократок.
„Разговорот меѓу нас и банките е да постигнеме договор во делот на рокот на отплата. Ништо друго не е спорно“, рече таа во петокот минатата недела на брифинг со новинарите, додавајќи дека на последниот состанок што го имале со банките десетина дена претходно прашањето со маржите било решено, односно дека каматата кон унгарската Експорт импорт банка ја покрива државата. Таа ова го образложи со досегашната практика дека уште од 2011 година државата ги плаќала каматите кон странските кредитори.
Ризиците на банките
Банкари за „Независен“ велат дека за нив е прифатлива камата од 3,25 отсто која кон нив би ја плаќале фирмите што ќе ја користат оваа кредитна линија, бидејќи ризикот за евентуалните лоши кредити го преземаат банките, а не државата.
„Доволно е еден од десет одобрени кредити да се покаже како лош, па да се стопи целата заработка“, вели долгогодишен банкар. А, такво нешто се случува и покрај најдобрите анализи кои што ги прават кредитните аналитичари, бидејќи некогаш се менуваат условите на пазарот, што и најдобри компании доведува во кризни состојби.
Инаку, според договореното, банките врз себе ја преземаат и обврската да ја оценуваат издржаноста на кредитните барања, што значи дека пари нема да се даваат на „жими мајка“, или врз основа на ургенции од која било страна.
Еден банкар вака ја објаснува целата ситуација околу кредитната линија. Како што вели, според постојната законска регулатива банките за секој одобрен кредит издвојуваат одреден процент средства во вид на резервации. Така на пример за оние најдобрите, кои редовно ги отплаќаат кредитите или се со минимално задоцнување, тој процент е минимален и изнесува до пет проценти. Но, за фирмите кои што имаат поголеми задоцнувања, процентот на резервации сразмерно се зголемува, па за оние од најниската и најризична категорија „Д“, се издвојуваат од 70 до 100 отсто резервации. Односно, ако кредитот е во износ од еден милион евра, а фирмата доцни со враќање на ратите над 240 дена, банката треба да издвои од 700 илјади до еден милион евра како резервација. Тоа, пак во билансите на банките евидентира како трошок и ги намалува нејзините перформанси, а бидејќи тие се акционерски друштва кои котираат на берзата, воопшто не е безначајно и мора да се земе предвид.
Од друга страна, банкарите исто така велат дека државата и не мора да се става во улога на некој кој нуди кредити за стопанството и дека Македонија во овој дел е една од ретките држави каде што се прави такво нешто.
Банките, како што велат нашите соговорници, имаат доволно средства кои ги пласираат во стопанството, дури и по пониски камати од овие што ги нуди државата, што секако зависи од кредитниот потенцијал и кредитната историја на фирмата која ги побарува средствата, како и од проектот што го презентира. Според нив, прашање е и дали во македонското стопанство има доволно издржани проекти за искористување на сите 250 милиони од кредитната линија.
Според последните податоци на Народна банка, просечната камата на одобрените кредити во земјава е 4,9 отсто, иако има фирми кои што добиваат многу поповолни камати, на пример од 3,10 отсто.
Од друга страна, банкарите велат дека државата парите кои што ги позајмила можела да ги искористи за други намени, како што е финансирањето на буџетскиот дефицит што би било поевтино од издавањето државни обврзници за истата намена кои ги плаќа поскапо. Тоа особено се однесува на следната година за кога е предвиден буџетски дефицит од четири отсто од БДП, кој државата ќе треба да го покрие со задолжување во странство и на домашниот финансиски пазар, односно од домашните банки.