Кој ги разводнува злоделата од прислушувањето?


Критиките на Специјалното јавно обвинителство за одолговлекувањето на нивниот клучен предмет во којшто треба да се докаже кој прислушувал илјадници функционери и граѓани, стигнаа до судиите.

На вчерашното рочиште, Сашо Трајковски, инженер вработен во Управата за безбедност и контраразузнавање, во детали одговараше на прашањата на СЈО и објаснуваше како се маркирало и прислушувало во Управата . Ги објаснуваше сите технички апсекти на овој процес, додека на чело беше Сашо Мијалков. Судијата Владимир Туфегџиќ, кој е втор судија во судечкиот совет во овој случај, го искористи моментот и ги опомена обвинителите на СЈО. Побара  да бидат поконцизни, а одговорите пократки бидејќи судењето се одолговлекува.

„Токму завчера и пред неколку дена членови на СЈО реагираа на бавноста во постапката за „Таргет-Тврдина“, порача Туфегџиќ.

Последната критика до судиите за случајот за прислушувањето ја упати обвинителката на СЈО, Фатиме Фетаи.

„Има судии кои се за пофалби, ама има судии кои се за критика. Да го споменам случајот „Таргет – Тврдина“. Тоа е случај кој ја продуцираше целата криза во нашата држава, тоа е случај заради кој ние постоиме како обвинителство. Иако ние како обвинителство сме задоволни од тоа како оди докажувањето  кој, како и зошто прислушувал, не сме вооппто задоволни од динамиката со којашто се води тоа судење. Судот во тој случај мора да вложи поголеми напори за да има концетрирано судење како што налага и Законот за кривична постапка, затоа што на овој начин, со оваа динамика се разводнува и ефектот од злоделата“, изјави Фетаи.

Во своето сведочење, сведокот Трајковски потврди дека Мијалков, поранешниот началник на Петтата управа и началничката Надица Николиќ имале пристап до системот за прислушување. Тие се најавувале со кориснички лозинки, Мијалков од канцеларија во четвртата зграда на МВР, а Грујевски од канцеларија во третата зграда. До нивните канцеларија никој немал пристап, но во нив имало компјутери преку кои имале пристап до системот за прислушување.

„Постоеше група на корисници која се викаше „ВАЖНО“ каде имаше тројца корисници.  Можевме да видиме дека се пристапува од канцелариите на директорот на УБК и началникот на Петтата управа“, рече Трајковски.

Трајковски бил сведок кога се маркирачите, односно, лицата задолжени да ги обележуваат броевите кои треба да бидат таргет, маркирале броеви што ги добивале напишани на лист хартија со пенкало.

Освен во МВР, по насоки на началникот Грујевски, во поранешниот аероклуб спроти гимназијата на „Јосип Броз Тито“ во центарот на Скопје бил инсталиран систем за прислушување, поврзан со системот за прислушување во Петтата управа. Како што сведочеше Трајковски, кај базенот Аеродром биле инсталирани комјутери на кои се маркирале броеви, а надворешни системи за прислушување биле поставени во функционерската зграда кај Железничката станица. Овој факт го открија и Звонко Костовски и Ѓорѓи Лазаревски, инженери вработени во УБК, кои успеаа да ги извлечат дел од прислушуваните разговори и да ја отворат аферата со масовното прислушување.

Во предметот „Таргет-Тврдина“ на СЈО се обвинети поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски, Никола Бошкоски, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот директорот на УБК Сашо Мијалков, Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата.

Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.

Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.

Фросина Факова – Серафиновиќ

Фото: Борис Грданоски